„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
17.11.2025
„Во време на брзи промени технолошките вештини се неопходни и секој човек ќе мора да ги поседува, без разлика на формалното образование, за да може да придонесува и да просперира во општеството“, изјави м-р Тони Јанковски, директор за развој на производи и иновации во „Дајнерс клуб Македонија“ Скопје, во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески.
Според него, дигитализацијата е неминовен процес кој полесно и побргу го прифаќаат помладите генерации и кој го приспособува својот начин на функционирање на дигиталните алатки.
Како претставник на помладата генерација, запрашан за причините за иселување на младите, м-р Јанковски ја објасни мотивацијата на младите за заминување во странство: желбата за полесен и побрз пат до успехот, можноста за лесна заработувачка и за работа од дома, избегнувањето тешки ситуации и преговарања, како и исполнувањето на задачите со минимален напор, што им го овозможува работата во странство.
Во текот на разговорот Јанковски истакна три клучни промени што би ги направил за развој на државата: 1) промени во образованието преку следење на модерните трендови; 2) воспоставување вредности базирани на искуство, знаење и професионалност, без партиско влијание и со наградување на успехот врз основа на резултатите и 3) прогнозирање и планирање за наредните години според постигнатите резултати.
Во време на брз развој на технологијата и дигитализацијата, запрашан каде ја гледа својата фирма по десет години, м-р Јанковски посочи дека иднината е во дигитализирањето на процесите, користењето на вештачката интелигенција и обезбедувањето достапни услуги 24/7, без човечки грешки, но секогаш со човечка контрола.
„Технологијата не значи заменување на луѓето, туку нивна преквалификација и доквалификација за нејзино користење. Потребна е технолошка писменост за ефикасно да се користат алатките што се на располагање и да се контролираат“, нагласи Јанковски.
Според него, мора да се обезбеди безбеден систем на функционирање, но и на почитување на регулативите и стандардите, со цел заштита на податоците со кои располагаат според дејноста на неговата фирма.
Во продолжение на поткастот, како член на Управниот одбор на Стопанската комора, м-р Јанковски оцени дека Управниот одбор на Стопанската комора е:
„Сериозно функционално тело со добра репрезентативност на стопанскиот сектор и на различните стопански гранки, во кое отворено се дискутира и се решаваат реални проблеми. Составот е од реализирани луѓе кои имаат изградено нешто, но кои сè уште се во процес на градење на своите фирми и на своите приказни. Има критична маса за работа“, изјави Тони Јанковски.
Како дел од тоа тело, Јанковски истакна дека работи на: 1) задржување на кадарот и на негово обучување уште во универзитетските клупи, за да може по завршувањето да се вклучи во работните процеси; 2) експертиза и користење на надворешните контакти за позитивни искуства и инвестиции и 3) забрзана дигитализација и вмрежување на бизнисите.