„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ДигитМак за паметна индустрија: Заокружена конференцијата „Manufacturing 2026“

30.10.2026

| Новости

На 30 октомври во Скопје се одржа годишната конференција „Manufacturing 2026: Transformation Towards Innovation“, организирана во рамки на меѓународниот саем ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026. Европскиот дигитален иновациски хаб (ЕДИХ) ДигитМак  и Стопанската комора на Северна Македонија беа соорганизатори на настанот, заедно со Македонското здружение на металната и електроиндустријата (МАМЕИ). Програмата опфати теми поврзани со извозот, дигитализацијата, одржливото производство, финансирањето и иновациите во индустријата.

На почетокот, Марта Наумовска-Грнарова, претседател на МАМЕИ, истакна дека конференцијата Manufacturing 2026 обединува претставници на производствените компании, институциите и деловната заедница околу можностите за модернизација на производството, примена на нови технологии и зајакнување на конкурентноста на меѓународните пазари.

Во неговото воведно обраќање, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески наведе дека Владата, преку повеќе мерки и активности, им дава поддршка на домашните компании во процесот на технолошки развој и воведување иновативни модели во производството. Стратешка цел, истакна Ристески, е јавната поддршка да се насочува кон мерки што создаваат долгорочна вредност за компаниите и економијата, со цел домашните бизниси да станат посилни, помодерни и подобро подготвени за настап на европските и светските пазари.

Извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев се осврна на значајните промени за македонската индустрија денес. Европските пазари, според Пешев, поставуваат сè повисоки барања во однос на квалитетот, продуктивноста, одржливоста и усогласеноста со регулативата. Истовремено, дигитализацијата, автоматизацијата и вештачката интелигенција го менуваат начинот на кој се произведува, се управува со ресурсите и се гради конкурентска предност. Дополнително, извршниот директор на Комората укажа на потребата од одржливо планирање при воведувањето на вештачката интелигенција во сите сегменти од економијата.

За Стопанската комора, особено важни се две прашања. Првото е како да им помогнеме на македонските компании да го зголемат извозот, да одговорат на барањата на европските купувачи и да заземат посилна позиција во меѓународните синџири на вредност. Второто прашање е како дигиталните технологии да се претворат во конкретни деловни резултати, особено преку услугите кои им се достапни на компаниите во рамки на ДигитМак.

Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и координатор на конзорциумот на ДигитМак, Петре Ламески, наведе дека европскиот дигитален иновациски хаб ДигитМак, работи на приближување на можностите за дигитализација до компаниите. Особено за малите и средните претпријатија, важно е да имаат пристап до експертиза, да ја проценат сопствената дигитална зрелост, да тестираат нови технологии пред да инвестираат и да ги идентификуваат решенијата што најмногу одговараат на нивните потреби.

Панел-дискусиите започнаа со можностите за раст на извозот во металната и електроиндустријата, при што акцентот беше ставен на барањата на европските пазари, усогласувањето со соодветните стандарди и потребата од зголемување на продуктивноста и ефикасноста.

На панел-дискусијата насловена „Производство 4.0: Како ЕДИХ-овите можат да ја забрзаат трансформацијата“ во фокус беше презентирањето на услугите кои европските дигитални иновациски хабови ги нудат на компаниите во насока на забрзување на дигиталната трансформација и насочување на компаниите од базична дигитализација кон дигитализација фокусирана на примена на технологија 4.0, вештачка интелигенција и производство засновано на податоци.

Во воведното обраќање, м-р Михајло Донев, помошник-оперативен директор за развој, иновации и знаење при Стопанската комора на Северна Македонија истакна дека производствените компании честопати се соочуваат со јаз помеѓу сфаќањето дека дигиталната трансформација е неопходна и знаењето каде и како да почнат да инвестираат. Оттука ЕДИХ-овите можат да помогнат во премостувањето на овој јаз преку обезбедување пристап до експертиза, технологии, средини за тестирање, развој на вештини и насоки за финансирање, заклучи Донев.

Оваа панел-дискусија ги обедини европските центри за дигитални иновации од целиот Балкан за да истражат како услугите за поддршка можат да ја забрзаат дигиталната трансформација на производствените компании - особено малите и средните претпријатија (МСП), за таа цел во дискусијата учествуваа: Урош Ѓоковиќ претставник на Capital Innovation Point Serbia ЕДИХ од Белград, Бесмир Красниќи од Digital Innovation Gateway for Kosovo од Призрен, а ДигитМак ЕДИХ беше претставен од страна на Александар Стамболиев од Бизнис Акцелератор УКИМ и проф. д-р Ташко Ризов од УКИМ и компанијата Дириџент Акустикс од Белград, како компанија корисник на „Тестирај пред да инвестираш“ - услуга за развивање на хардверско и софтверско решение.

Во рамки на следната панел-дискусија „Циркуларната економија во практиката“, Антонета Манова-Ставреска, проектен менаџер во Стопанската комора, го претстави „Водичот за декарбонизација“, изработен со поддршка од ЕИБ и ЕУ, а кој им помага на компаниите да ги претворат нивните амбиции за одржливост во практични деловни одлуки. Таа наведе дека декарбонизацијата не мора да отпочне со големи инвестиции: таа започнува од актуелната положба, со тоа што се идентификуваат можности за подобрување и влечење на информирани потези во таа насока.

Со учеството во Manufacturing 2026 и активностите со партнерите од другите ЕДИХ-ови, ДигитМак придонесува за размена на знаења и искуства околу примената на дигиталните технологии во производството и за развој на соработката што им овозможува на компаниите полесно да ги идентификуваат и искористат можностите за дигитална трансформација.