„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
07.11.2025
Новиот состав на Управниот одбор на Здружението на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) при Стопанската комора на Северна Македонија, на 06.11.2025 година одржа седница на која беа разгледани неколку значајни точки од интерес за ИКТ-секторот и неговиот понатамошен развој.
Членовите на Здружението беа информирани за детектираните проблеми при имплементацијата на Оперативниот план за 2025 година на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) поврзано со обуките за напредување на дигиталните компетенции и создавање кадар со применливи ИКТ-вештини.
Компаниите ја изразија својата загриженост од неспроведувањето на овие обуки наменети за надградба на вештините на близу 500 невработени лица во областа на информациските технологии за основно и напредно ниво, со што ќе се доведе во опасност зголемувањето на нивната конкурентност и побрза интеграција на пазарот на трудот.
Здружението ќе продолжи активно да соработува со релевантните институции за подобрување на квалитетот и достапноста на ваквите програми, како и за нивно усогласување со потребите на ИКТ-индустријата и пазарот на труд.
На седницата, во конструктивна дискусија беа разгледани приоритетите и насоките на делување на Здружението во наредниот период. Планот на активности за 2026 година на Здружението на информатичко-комуникациските технологии ќе ги опфати иницијативите за дигитална трансформација, поддршка на иновациите, развој на ИКТ кадар, унапредување на јавно-приватниот дијалог, како и примена на дигитални алатки кај приватниот сектор преку креирање Совет за дигитална економија.
Здружението останува посветено на зајакнување на ИКТ-секторот како двигател на економскиот раст и дигиталната конкурентност на државата.