„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
06.11.2025
На иницијатива на компаниите членки на Групацијата за оружје, во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа работен состанок на кој се дискутираше за потенцијалните и реални можности на индустријата во Република Северна Македонија, заради реобнова на наменското индустриско производство од аспект на финален производ и компоненти за финални воени средства, како и формирање на сервисно-логистички центри за одржување на воените средства на Армијата на Република Северна Македонија.
Врз основа на планот за ревооружување кој го промовираше Европа, а кој се однесува на зајакнувањето на одбранбената подготвеност на европските земји до 2030 година, се отвора прашањето на кое ниво е наменската индустрија во Република Северна Македонија.
Со овој план ќе се мобилизираат околу 800 милијарди евра, од кои 150 милијарди евра ќе бидат заеми за проекти за производство и набавка на оружје, со цел инвестирање во одбраната и зајакнување на воените капацитети во земјите од Европа во следните 5 години. Сметаме дека ова е добар момент за реобновување на наменската индустрија во нашата земја, а не да се концентрираме исклучиво на набавки на одбранбени системи за потребите на државата. Ако нашата држава сака да оди во насока на реобнова на наменската индустрија, потребно е најпрвин да изработи стратегија за реобновување на воената индустрија, преку анализа на постојната состојба и преку дефинирање насоки за развој и за модернизација на наменската индустрија. Со промовирањето на европскиот план за зајакнување на одбранбената подготвеност, некои земји ова прашање го подигнаа на ниво на државна стратегија за ревооружување, а некои почнаа планови за заедничко вложување (joint venture) со реномирани производители за вооружување, истакна Димитар Мангутов, претседател на Групацијата за оружје.
Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија, посочи дека поради геополитичките случувања во Европската Унија и поради конверзијата на нивното производство во наменската индустрија, неопходно е и ние како држава да ѝ посветиме поголемо внимание на оваа дејност. Потребно е да ги видиме нашите капацитети, машинскиот и човечкиот потенцијал, односно сето она со кое располагаме. Прашање е дали ние како општество сакаме да ја подигнеме оваа индустрија на едно повисоко ниво, односно да не се занимаваме само со трговија на воени средства, туку да го поттикнеме и самото производство. Како институција, компаниите ја имаат поддршката од Комората, така што стоиме на располагање за помош за секој институционален проблем со кој ќе се соочат во текот на работењето, сѐ со цел да се направи реална реобнова на оваа индустрија како компаративна предност за целокупната економија.
Врз основа на претходно произнесеното, сите компании сметаат дека е потребно да се формира координативно работно тело составено од претставници на релевантни институции, експерти во областа и од искусни претставници на производителите на оружје и муниција, сѐ со цел подготовка на соодветна стратегија за реобновување на воената индустрија.