„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
10.09.2025
Вчера, на 9 септември 2025 година, во Стопанската комора се одржа работна средба со француската компанија Буиг (Bouygues). Високите претставници на компанијата изразија интерес и подготвеност на Буиг да учествува во изградбата на големи инфраструктурни проекти во Македонија, како изградбата на железницата и клиничките центри.
Компанијата Буиг со диверсифицирано портфолио во секторите градежништво, енергетика, телекомуникации и медиуми, со над 50 милијарди евра обрт и 200.000 вработени во над 80 држави во светот, со себе носи големо искуство, знаење и доверба. Затоа, Стопанската комора на оваа средба ја изрази својата поддршка и помош за компанијата за започнување на активностите во Македонија.
Домаќин на средбата беше Деловниот клуб за соработка со Франција и франкофонските земји, каде во присуство на францускиот амбасадор, Н.Е. Кристоф Ле Риголер и регионалниот претставник, шеф на економската мисија за ЗБ со седиште во Белград, Пјер Гранжуан, беше разговарано и за неколку други иницијативи за соработка со француските компании. За октомври е најавен регионален бизнис форум Франција-Западен Балкан во Белград, на кој се поканети и македонските компании.
На средбата, Стопанската комора и Амбасадата на Франција во РС Македонија разговараа за можностите за продлабочување на економската соработка, унапредување на трговската размена меѓу двете земји, како и за поттикнување на директни инвестиции. Претседателот на Комората, Бранко Азески, истакна дека постои значаен потенцијал за заеднички проекти, и дека француските компании може да ја сметаат Комората и Деловниот клуб за свој партнер во Македонија.
Комората активно работи на создавање поволна деловна клима, олеснување на административните процедури и поврзување на француските компании со домашни партнери.
„Француските компании носат иновации, експертиза и европски стандарди кои се од суштинско значење за развојот на нашата економија,“ изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора. „Ние сме тука да ги поддржиме преку консултации, бизнис форуми, и конкретни партнерства.“