„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
15.05.2025
На вчерашната дебата во организација на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија, каде домашни и странски експерти разговараа на тема: “Во време на турбуленции во глобалната трговија и во финансиските текови: Патот напред за македонската економија”, беше посочено дека наместо кон странски инвестиции кои ќе вработуваат илјадници луѓе, Македонија треба да се насочи кон инвеститори кои ќе понудат поголема додадена вредност, а не само бројка.
Учесниците во дискусијата потенцираа дека светот се соочува со драматични промени, и дека и нашата земја, но и светот се соочува со големи предизвици – од геополитички тензии и прекинати синџири на снабдување, до флуктуации на финансиските текови и растечка неизвесност. Според учесниците на дебатата, покрај квалитетот и дисперзирањето на странските инвестиции, треба да се обрне внимание и на грижата за задржување на постојните инвеститори кои и понатаму ќе вложуваат во проширување на капацитетите, но и на важноста домашните компании да се вклучат во унапредување на производството и во синџирите на снабдување, што е една од слабостите во изминатиот период.
Дополнителен предизвик се и технолошките промени кои ги носи дигитализацијата. Во оваа ситуација ќе има победници и губитници, но беше истакнато дека е позитивно што и релативно мали држави како Македонија можат да најдат свое место во новиот глобален поредок.
„Целиот свет драматично се промени, зборуваме за евтина работна сила, за привлекување инвестиции… Гледаме дека во последните 18 месеци компании во Србија, Бугарија, Романија, кои се трудоинтензивни и имаат 2-3 илјади вработени си заминуваат, бидејќи не може да најдат вработени и не се доволно конкурентни. Мора да бидеме свесни за тоа. Она што го имаме во нашата земја, тоа Мароко, Тунис, Египет го имаат повеќе, не само поевтина работна сила туку имаат и бројка, повеќе млади луѓе на годишно ниво отколку кај нас за 20 години“, истакна Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори. Мизо додаде дека државните субвенции можат да дадат резултати на краток рок, но не и на долг рок, и дека треба да се изберат неколку сектори каде што земјата има конкурентна предност и добро да се познаваат водечките компании во тие сектори.
Јирген Капенман од Policultancy, истакна дека на компаниите како “Гугл” и “Мајкрософт” им се допаѓа Западен Балкан поради одличниот квалитет на луѓето, но сепак им е и прескап. Тој додаде: “Вистинската конкурентност е во Нигерија која има стотици милиони луѓе кои нудат ист квалитет на услуги, но за десет отсто од цената во регионот. Тоа е реперот.” Капенман укажа дека Западен Балкан се соочува со силна конкуренција и затоа му се потребни повеќе капитално интензивни проекти, роботизација и автоматизација.
Зоран Јовановски, експерт за макроекономија, акцентот го стави на неодржливоста на трговскиот дефицит на долг рок, укажувајќи дека во последните 15-тина години дефицитот во трговската размена со светот изнесува 21 отсто од домашниот бруто-производ.
„Колку долго може да го финансираме таквиот дефицит“, праша тој, посочувајќи дека на краток рок тоа може да се прави со приливите од странство, односно со приватните трансфери или со вишокот кој што го овозможуваат услугите.
Тој нагласи дека на прашањето како да се зголеми приливот на девизи и од кои индустрии одговор може да го даде науката и да се има системски приод. Според него потребно е да се фокусот да се стави на нето извозните компании, како и да се привлекуваат висококвалитетни странски директни инвестиции.
Претседателот на Собранието на Комората, Антони Пешев во фокусот на дискусијата го стави информатичко технолошкиот сектор, како двигател на економскиот развој. Според него потребни се брзи чекори, во спротивно, како што кажа „ќе не поклопи цунами“, мислејќи на промените кои ги носи вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз економските текови.
„Потребна е акција, треба да инвестираме во вештачка интелигенција, никој не е свесен колкаво цунами не очекува, а ќе има огромен ефект врз нас, како општествен, така и врз работната сила и политиката“, рече Пешев.
Зоран Ставрески, поранешен вицепремиер и министер за финансии рече дека 12-13 земји од Европа успеале помеѓу 1990 и 2025 да се придвижат од земји со среден приход до земји со висок приход. Десет од тие земји се во регионот на Средна Европа, а другите две се Грција и Малта.
„Она што ние се обидуваме да дознаеме е кога Македонија ќе биде класифицирана во групата земји со висок приход“, рече Ставрески.
Тој додаде дека сега активно се работи со Комората и со Македонија 2025 на воспоставување модел кој ќе ја одржи македонската конкурентност во однос на подобро стручно образование.
Мајк Зафировски и проф. д-р Никица М. Блажевски ги повторија главните приоритети на Македонија 2025 и тоа: потребата од забрзан економски раст и креирање решенија како тој да се оствари, целосно спроведување на дигиталната трансформација во државата, поголем фокус на иновациите, привлекувањето странски инвестиции и борбата против корупцијата.
Учесниците на дебатата организирана од Советот на странски инвеститори, се согласија дека покрај квалитетот и дистрибуцијата на странските инвестиции, треба да се посвети внимание и на задржување на постојните инвеститори и на вклучување на домашните компании во унапредување на производството и во синџирите на снабдување.