„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
13.03.2025
Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство на РСМ успешно организираше настап на реномираниот меѓународен саем “Food Expo Greece 2025”-Атина што се одржа во периодот од 8-10 март во Атина, Грција.
На саемот како изложувачи учествуваа осум македонски извозни компании од земјоделско-прехранбениот сектор: 1) „Соко Горица“-Скопје, 2) „Алтера фуд“- Гевгелија, 3) „Екозрно“-Кочани, 4) „Фруктана“-Штип, 5) „Острог Луна“-Струмица 6) „Бест фуд“-Радовиш, 7) „БМФ“-Кочани и 8) „Риал Агро“-Кочани.
“Food Expo Greece” претставува водечки саем за храна и пијалаци во Југоисточна Европа, на којшто учество земаа над 1.300 компании-изложувачи од целиот свет и истите ги промовираа своите производи во повеќе области од прехранбената индустрија и секторот на пијалаци. Истиот пречека повеќе од 35.000 посетители и повеќе од 1.000 купувачи од 80 земји ширум светот.
Саемот беше исклучителна можност за домашните извозни компании да ја претстават и промовираат својата палета на производи и да воспостават трговски и бизнис релации со потенцијални партнери и купувачи од повеќе земји. Како дел од програмата на саемот беа организирани настани за вмрежување и поврзување на компаниите, каде што беа презентирани можностите за извоз, трендови на производство и маркетинг, како и успешни студии.
Потребата за поддршка на македонските компании во доменот на извозна промоција не само што е препознаена од Комората, туку веќе и со конкретни чекори преку Клубот на извозници се реализира со учество на меѓународни саеми, но и други форми на извозна промоција на компаниите како единствен начин за зголемување на видливоста и препознатливоста на нашите производи и брендови на странските пазари.