„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Јакнење на инфраструктурата за квалитет – Азески на состанок со претставници на Шведскиот институт за стандарди (SIS) и Swedac

04.03.2025

Во рамки на посетата на Северна Македонија, претставници на Шведскиот институт за стандарди (SIS) и Swedac, националното тело за акредитација, правна метрологија и надзор на пазарот на Шведска, одржаа состанок со делегација на Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески.

На средбата се дискутираше за можностите за унапредување на инфраструктурата за квалитет во земјата, како и за значењето на стандардизацијата, акредитацијата, метрологијата и лабараториите за тестирањето во поддршка на конкурентноста на македонските компании. Претставниците од Шведска го споделија своето искуство во развојот на регулативи и системи кои обезбедуваат повисок квалитет и зголемена доверба во деловното опкружување.

Азески потенцираше дека усогласувањето со европските и меѓународните стандарди е од клучно значење за македонските компании во процесот за европска интеграција, особено за оние со извозна ориентација.

“Стопанската комора e оспособена и кадровски и финасиски и од секаков аспект да ги поддржи компаниите во процесот на стандардизација. Комората ќе биде активен партнер во спроведувањето на проекти кои ќе придонесат за зајакнување на квалитетната инфраструктура во земјата, овозможувајќи подобри услови за раст и развој на стопанството”, истакна Азески.

Овој состанок претставува иницијален чекор кон можната соработка меѓу македонските институции и шведските партнери, а во наредниот период ќе следуваат натамошни анализи и конкретни заеднички активности во оваа насока.