„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
19.12.2024
Веб платформа со мобилна апликација прилагодена за ИОС уреди (App Store) и за АНДРОИД уреди (Play Store), подготвува Центарот за микро, мали и средни претпријатија при Стопанската комора со цел сите засегнати и заинтересирани деловни субјекти кои немаат можност со физичко присуство да бидат активни во работата на Комората тоа да го користат преку дигиталните решенија, истакна претседателката на Центарот за ММСП Габриела Кулебанова на состанокот кој беше организиран во Комората со членките. Повеќе детали за платформата ќе има по нејзиното целосно ставање во функција, посочи Кулебанова.
Присутните на состанокот беа информирани и дека претседателката на Центарот за ММСП учествува во работната група за изработка на новата Стратегија за овие деловни субјекти, која е во завршна фаза со акцент дека улогата на Центарот ќе биде значајна при креирање на делови од акциониот план кој треба да се работи на почетокот на следната 2025 година.
На состанокот покрај овие активности точка на дневен ред беше и информирање на Централниот регистар за пакет услугите кои ги имаат кон бизнисот. При тоа на состанокот беа присутни и претставници од Централниот регистар на РСМ, со директорката д-р Анита Стамнова со цел презентирање на алатките и можностите што ги нудат како пакет услуги за потребите на компаниите. Во таа насока беа презентирани:
- Начинот на користење информации за правните субјекти, Регуларни и Професионални корисници, нови производи, следење на промени, можност за нотификации при настаната промена кај правни субјекти од страна на Ирена Лазарова, раководител на одделение за маркетинг и односи со јавност, Централен регистар на РСМ и
- Новата национална класификација на дејности за правните субјекти, веб сервиси презентирана од страна на Станко Коруноски, раководител на Сектор за водење регистри, Централен регистар на РСМ;
Претставниците на Централниот регистар информираа за можностите што ги нуди дистрибутивниот системкоја е најкористена и клучна алатка за обработка, дистрибуција и управување со податоци, кои се однесуваат на регистрираните субјекти во РСМ, а содржи податоци за:
· Регистрација на нови субјекти, ажурирање на постоечките информации и одржување на регистрите;
· Испраќање на изводи, потврди и други документи кон клиентите и надлежните институции;
· Обезбедување на точни и ажурирани информации за правни и физички лица;
· Ефикасно разменување на податоци со банки, судови, даночни служби и други релевантни органи.
По однос на новата национална класификација на дејности за правните субјекти која се користи за прибирање, обработка и публикување на статистички податоци, како и за анализа и насочување на општествениот и економскиот развој и неговите структурни промени (ревизија 2.1. која ќе почне да се применува од 1 јануари 2025 година), присутните беа информирани дека истата еусогласена со европската класификација NACE Rev. 2.1 и е прилагодена на националните потреби.
Новиот концепт на НКД - Рев.2 е составен од четири хиерархиски нивоа: сектор, оддел, група и класа. Класификацијата на дејности има 21 сектор, 88 оддели, 272 групи и 615 класи. Општите карактеристики на Класификацијата остануваат непроменети, а има промена во структурата, критериумите за конструкција на Класификацијата и ревидирани се објаснувањата.
Последната ревизија на НКД има за цел да ги одрази структурните промени во економијата и да овозможи подобра споредливост на податоците на национално и меѓународно ниво. Во случај на потреба за специфични насоки за реализација на овие функции, постојат и софтверски решенија што можат да бидат имплементирани за оваа цел.