„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
01.12.2024
Стопанската комора на Северна Македонија започна со подкастот „Бизнис клуб“, најновата иницијатива на претседателот Бранко Азески. Оваа платформа е креирана со цел да отвори нови хоризонти за размислување, да поттикне дијалог за актуелните економски предизвици и да ги приближи искуствата од реалниот сектор до пошироката јавност.
Промоцијата на новиот подкаст и на бизнис публикациите „Стратешки документи на Комората“ и „Нов договор за економски развој“, дела на Азески и професор д-р Дарко Лазаров, беше направена во Охрид. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, како и претставници од бизнис секторот и пратеници.
На промоцијата Азески најави дека подкастот „Бизнис клуб“ има за цел да ја афирмира плејадата млади македонски бизнисмени, кои носат свежина во нашата економија и ќе ги прифатат ризиците со кои ќе се соочува економијата во наредните 15-20 години
„Како бизнис задница сме определени да го следиме патот на Владата, ако и понатака ги слуша нашите барања кои се во интерес на државата и слободно да ги одбива сите наши барања кои се во интерес само на бизнисот, затоа што бизнисот не може да постои само за себе, он мора да постои за сите. На тој начин е остварена и поставена целта“, рече Азески.
Првата епизода од подкастот „Бизнис клуб“ веќе е достапна на YouTube каналот на Комората. Претседателот Азески разговара со Иво Јанкоски, сопственик на продукцијата куќа „Трето уво“, кој воедно е креатор и продуцент на серијалот. “Бизнис клуб“ е заеднички проект на Стопанската комора на Северна Македонија и Трето Уво.
Секој четврток во 12 часот ќе има ново издание на подкастот. Во секоја епизода, Азески ќе разговара со влијателни бизнисмени, основачи на компании, претприемачи и инвеститори кои имаат големо искуство и конкретен придонес за развојот на македонската економија. Секој од овие гости, низ своето уникатно искуство и експертиза, ќе даде вредни согледувања за деловниот амбиент, промените во глобалната економија и конкретните предизвици и можности за македонскиот приватен сектор.
Подкастот „Бизнис клуб“ претставува одлична можност за сите оние кои сакаат да го разберат подобро локалниот и глобалниот економски контекст и да научат од искуствата на најуспешните бизнисмени.