„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЗНАЕЊАТА ЗА СТРУКТУРИРАНИ И ИНОВАТИВНИ ПРОЦЕСИ ОД ДОМЕНОТ НА ПРОДАЖБАТА

16.04.2024

Во насока на унапредување на знаењата и вештините неопходни за вработените во компаниите во одделот за продажба, Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Бизнис центарот за тренинг и обука, Скопје, го реализираше првиот дел од тридневната обука на тема: Вештини за теренски унапредувачи на продажбата.
Програмата за обуката е фокусирана на вработените кои работаат во деменот на продажба и кои процесот на продажба го практикуваат со теренски посети и директна комуникација со своите клиенти и консументи.
Обуката овозможува вработените да ги надградат своите знаења и вештини за  структурирани и иновативни процеси од доменот на продажбата и за промоција на производите на компанијата и да бидат подготвени да поставуваат цели во работењето,  да ги планираат и да ги спроведуваат теренските активности насочени кон соодветна застапеност и изложеност на производите на компанијата-работодавач; да ја зголемуваат продажбата, прометот и профитот на компанијата-работодавач; да ги зајакнуваат релациите со клиентите и консументите и да и го подобрат имиџот на компанијата-работодавач пред клиентите и консументите.
Програмата за обука се состои од 9 модули кои се однесуваат на улогата на теренскиот унапредувач на продажбата; важноста на атрактивното изложување на производите; продажните вештини; чекорите на продажната посета; ефикасност и ефективност при работењето, како и на индикаторите за перформансите. Преку активностите низ процесот на обуката, на најдобар можен начин, учесниците можат ги идентификуваат своите слаби и јаки страни, да ги истакнат предностите, но и слабите страни да ги претворат во предности.
Предавач на обуката е Дејан Стојановиќ  со долгогодишно работно искуство во земјава и регионот преку својата компанија PRO UPGRADE. Во својата кариера, работел за светски познати компании како Philip Morris, Ferrero, Cisco Systems. Освен соработката со повеќе еминентни светски компании (Schouten Global, Elite Academy, Horvath & Partners), тој е еден од промотерите на социјалното претприемништво во земјата и Јадранскиот регион.