„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од регионални комори

Форумот Пелагонија – Преспа 2026: Поврзување на бизнисот, науката и институциите за одржлив регионален развој

13.11.2026

| Новости

На 12 и 13 ноември 2026 година, во Битола, со поддршка на Регионалната комора со седиште во Битола, се одржаа активности во рамките на овогодишното издание на Форумот Пелагонија – Преспа 2026. Тој се разви како платформа за регионален дијалог и соработка, здружувајќи различни засегнати страни околу заеднички развојни приоритети.

Во фокусот на Форумот беше потребата од посилно поврзување на расположливите ресурси и капацитети на Пелагонискиот регион, со цел нивно ефикасно искористување во насока на одржлив економски развој. Регионот располага со значителен потенцијал во земјоделството и прехранбената индустрија, производството, образованието, обновливите извори на енергија и туризмот, но се соочува и со предизвици поврзани со недостигот на квалификувана работна сила, дигитализацијата на компаниите, фрагментираното земјоделско производство и недоволната соработка меѓу бизнисот, образовните институции и јавниот сектор.

Континуитетот на Форумот Пелагонија – Преспа од 2023 до 2025 година ги опфати клучните регионални приоритети – инфраструктурата, транспортот, енергетиката, одржливото производство на храна, развојот на бизнисот, младите и човечките ресурси. Овогодинешното издание во 2026 година ги обедини сите овие теми во единствена платформа за поттикнување на регионалниот развој и соработката.

На 12 ноември, во рамките на настанот УКЛО COLOURS CoLab, м-р Никола Димковски од Регионалната комора со седиште во Битола ги презентираше клучните развојни приоритети на регионот, нагласувајќи дека инфраструктурата, земјоделството, енергетиката, човечкиот капитал, и туризмот треба да се третираат како меѓусебно поврзани фактори на регионалниот развој.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, во своето обраќање истакна дека поврзувањето на знаењето, бизнисот, институциите и граѓаните е од особено значење за развојот на регионот. Тој посочи дека темите на CoLab настанот – вештачката интелигенција, дигитализацијата, одржливите прехранбени системи и зелените технологии – претставуваат конкретни можности за идниот развој на компаниите во Пелагонија.

Во рамките на активностите беше организирана и презентација на компанијата Фероинвест, на која беа претставени можностите за снабдување со електрична енергија, користење обновливи извори и оптимизација на трошоците за електрична енергија во деловното работење. Г-дин Кочо Анѓушев ги презентираше современите решенија за поефикасно управување со потрошувачката на електрична енергија, со посебен акцент на батериските системи за складирање електрична енергија (BESS). Беше посочено дека овие системи овозможуваат складирање енергија во периоди со пониски цени и нејзино користење кога цените се повисоки, со што компаниите можат да ги оптимизираат трошоците, подобро да ја планираат потрошувачката и поефикасно да ја користат енергијата произведена од сопствените фотоволтаични системи.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, истакна дека Битола и Пелагонискиот регион имаат значителен потенцијал за развој на обновливите извори на енергија, но најголемиот предизвик е зависноста на локалната економија од РЕК Битола и потребата од постепена диверзификација. Притоа, нагласи дека е важно локалните компании да бидат поактивно вклучени во поголемите енергетски инвестиции, како добавувачи и подизведувачи, преку партнерства, транспарентни постапки и јакнење на нивните технички капацитети.
Преку овие активности, Форумот Пелагонија – Преспа продолжува да се развива како платформа за регионален дијалог, размена на знаења и искуства и воспоставување партнерства меѓу компаниите, образовните и научните институции и јавниот сектор, во насока на искористување на развојните потенцијали на Пелагонискиот регион.