„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

За поефикасно управување со тимовите и подобри деловни резултати- Реализирана обука „Вештини за развој на средниот менаџмент“

01.10.2026

| Новости

 Средниот менаџмент има значајна улога во поврзувањето на стратешките одлуки на врвниот менаџмент со секојдневните активности на вработените. Од способноста на овие менаџери јасно да ги пренесат целите, соодветно да ги распределат задачите и да обезбедат поддршка за нивно извршување зависи успешното остварување на деловните приоритети. За таа цел, Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при Стопанската комора во соработка со Бизнис центарот за тренинг и обука, на 17 и 24 септември и 24 октомври 2026 година, ја реализираше тридневната обуката „Вештини за развој на средниот менаџмент“, насочена кон развивање на вештините потребни за ефикасно организирање на работата, управување со вработените и спроведување на компаниските стратегии.

Обуката беше фокусирана на унапредување на вештините за примена на компаниските правила и процедури, делегирање задачи, следење на работата и развој на перформансите на вработените. Посебен акцент беше ставен на мотивирањето на тимовите, поттикнувањето одговорен однос кон колегите и средствата за работа, како и на развивањето иницијативи за подобрување на продуктивноста.

Целите на обуката ги опфатија и планирањето и рационалното користење на ресурсите, задржувањето на вработените и придонесот во изборот на нов кадар, навременото известување на надредените за предизвиците во работењето и соодветното евидентирање на спроведените активности.

Ваквата обука е значајна за менаџерите, бидејќи им помага посигурно да ја извршуваат својата улога, да донесуваат промислени одлуки и поуспешно да се справуваат со секојдневните работни предизвици. Истовремено, придобивките се однесуваат и на вработените во нивните тимови: појасни задачи и очекувања, подобра комуникација, конструктивни повратни информации и поголема поддршка за професионален развој. Таквиот пристап придонесува за зголемување на мотивацијата, задоволството и ефикасноста на вработените.

Во обуката учествуваа преставници од компаниите „Алкалоид“ АД, Скопје; „Титан Усје“ АД, Скопје; „Агрија груп“, Велес и Рудници „Саса“, Македонска Каменица. Ваквите компании се свесни дека вложувањето во развојот на средниот менаџмент е вложување во луѓето и во долгорочниот успех на компаниите. Со зајакнување на овие вештини се создаваат услови за подобра организација на работата, поефикасно користење на ресурсите и градење тимови кои придонесуваат кон остварување на компаниските цели.