„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во организација на Стопанската комора на Северна Македонија и Трговското одделение при Австриската амбасада во Скопје (Advantage Austria), на 16 септември 2026 година во Стопанската комора ќе се одржи Македонско-австриски бизнис-форум посветен на развојот на патната, железничката и енергетската инфраструктура во земјата.
Настанот претставува платформа за интензивирање на билатералната економска соработка и директно поврзување на угледни австриски компании со надлежните македонски институции и ресорни министерства, како и со македонските деловни субјекти. Фокусот на форумот е ставен врз актуелните и планираните капитални инвестиции, транзицијата кон обновливи извори на енергија, модернизацијата на сообраќајната мрежа и можностите за спроведување современи технолошки решенија.
Во рамки на пленарниот дел од форумот, најавени се излагања на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, кои ќе ги презентираат стратешките приоритети и претстојните инфраструктурни проекти на државата. Покрај ресорните министри, свои претставувања ќе имаат и раководните структури на клучните јавни претпријатија и институции од секторот, како и претставниците на австриската бизнис-делегација.
Програмата предвидува и одржување серија индивидуални деловни и институционални состаноци (Б2Б и Б2Г), насочени кон дефинирање конкретни модалитети за деловно партнерство, заеднички потфати и долгорочна соработка меѓу двете земји.