„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Стопанската комора го поздравува залагањето и подготвеноста на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за прифаќање на аргументите за унапредување на безбедносните мерки при увоз на млеко и млечни производи. Овој резултат уште еднаш ја потврдува суштинската важност на отворениот, аргументиран и институционален дијалог помеѓу бизнис-заедницата и државните органи. Со уважувањето на реалните стопански предизвици, АХВ покажува подготвеност за наоѓање балансирани решенија кои гарантираат високи стандарди за безбедност на храната, без притоа да се создаваат непотребни пречки во трговијата и ризици по снабдувањето на пазарот.
Изразуваме искрена благодарност до директорот на АХВ, г. Оливер Миланов и неговиот тим за изразениот слух и разбирање за правните, економските и оперативните анализи што ги достави Стопанската комора.
Заедничкиот став останува недвосмислен: за измами, фалсификување и лажно означување на производите не смее да постои никаква толеранција. Сепак, преодот кон систем на контроли засновани на анализа на ризик — наместо задолжително задржување на сите пратки — е вистинскиот чекор со кој се обезбедува ефикасна заштита на потрошувачите и непречен тек на трговијата.
Оваа одлука ја рефлектира основната мисија на Стопанската комора — да биде мост помеѓу креаторите на политиките и стопанството, работејќи во најдобар интерес на сите чинители во општеството:
- За домашните производители и преработувачи: Обезбедување стабилни и предвидливи услови за работа, заштита од нелојална конкуренција и поддршка во надминувањето на суровинскиот дефицит;
- За увозниците и дистрибутерите: Спречување на непотребни трошоци и застои, зачувување на ликвидноста и одржување на континуитетот во снабдувањето;
- За граѓаните и потрошувачите: Стабилен пазар со сигурно снабдување, заштита од неоправдани ценовни шокови и бескомпромисен квалитет и безбедност на храната.
Стопанската комора продолжува да биде главен партнер и консултант на деловниот сектор и институциите, посветена на градење конкурентна, фер и предвидлива деловна средина.