„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од регионални комори

Во Кичево реализирана работилница за имплементација на електронската фактура

17.06.2026

| Новости

 На иницијатива на Регионална комора со седиште во Кичево, на 17 јуни 2026 година во Кичево, Стопанската комора во соработка со Управата за јавни приходи, организираше стручна работилница посветена на процесот на имплементација на системот за електронско фактурирање.

Работилницата беше наменета за компаниите од кичевскиот регион со цел обезбедување навремени информации, практични насоки и поддршка во подготовките за примена на новото дигитално решение. Настанот привлече значителен интерес од деловната заедница, со присуство на над 40 претставници од компаниите, што ја потврдува потребата од континуирана едукација и информирање во процесот на дигитализација на деловните процеси.

Во текот на работилницата, претставниците на Управата за јавни приходи ги презентираа клучните карактеристики на системот за е-фактура, неговите функционални можности, законските аспекти и очекуваните придобивки за компаниите. Посебен акцент беше ставен на практичната демонстрација на системот, преку обработка на различни деловни сценарија и користење на апликативното решение, типови е-фактура, видови трансакции, постапка за регистрација и е- фактурирање, прием на е-фактура, функционалности (прифаќање, одбивање, сторнирање, исправка) со што учесниците добија директен увид во неговата примена во секојдневното работење и имплементација. 

Дополнително беа претставени актуелните активности поврзани со воспоставувањето на системот, предвидените процеси и релевантните даночни индикатори кои ќе имаат значење во неговото функционирање. Присутните имаа можност да се запознаат со предизвиците што можат да се појават при интеграцијата на системот во постојните деловни практики, како и со можните начини за нивно надминување.

Работилницата заврши со интерактивна дискусија, во рамки на која учесниците поставуваа прашања и разменија мислења за практичните аспекти од примената на електронското фактурирање во различни стопански дејности. Оваа средба овозможи идентификување на конкретните потреби и очекувања на компаниите, а воедно придонесе за појасно согледување на можностите што ги нуди дигитализацијата во областа на електронското фактурирање.