„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески оствари средба со претседателката на Европската асоцијација за обезбедување квалитет во високото образование (ЕНКА), проф. д-р. Кристина Гицулика. На средбата се дискутираше за процесот на осигурување квалитет во високото образование, кој претставува една од основите за градење квалитетно образование и мора да се почитуваат стандардите и процедурите кои се усвоени.
„Осигурувањето квалитет во високото образование е сложен процес, бидејќи опфаќа повеќе сегменти, но еден од најважните покрај учењето и наставата и фокусот на студентот во образовниот процес е и улогата на бизнис заедницата“, истакна проф. д-р Кристина Гицулика, на средбата. Едниот фокус, како што рече, во овој дел се студиските програми кои мора да бидат разгледани од бизнис заедницата за да се утврди дека ќе бидат постигнати резултатите од учењето преку имплементацијата на истите. Другиот фокус е вработливоста, што значи дека се вклучени барањата на бизнис заедницата и таа има доверба во стекната квалификација.

„Осигурувањето на квалитетот е многу важен носител на промени, некогаш и многу тешки, но многу е важно земјата да дефинира како сака да го промени системот и што сака да постигне со тоа. Осигурувањето на квалитет е дел од Болоња процесот што значи имплементирање на стандардите кои се таму усвоени. Како Европска агенција за осигурување квалитет ја поддржуваме земјата во постигнувањето на целите во процесот на осигурување квалитетот во високото образование за да може Македонија од придружна членка да стане полноправна членка на ЕНКА“ вели проф. д-р Гицулика.
Претседателот Азески истакна дека како најстара организација со 104-годишно постоење, која преживеала 2 система, 3 држави, 12 премиери и 18 министри за образование и која опфаќа 17 области на дејности на бизнисите, фокусот во работењето го става на образованието затоа што недостатокот на кадар е долгогодишен проблем. Причината за тоа, вели Азески, е во тоа што образованието не ги следеше промените кои се случуваат во економијата. Тоа не смееме и понатаму да го дозволуваме зошто ќе ја изгубиме државата. Затоа, ние работиме на таа проблематика почнувајќи од стручното образование, каде веќе имаме реални резултати, иако во 2015 година, кога почнавме да зборуваме за дуалното образование имавме проблем да ги научиме компаниите дека и тие треба да придонесуваат во сите образовни процеси и политики. Азески додаде, дека истото почнавме да го работиме и во високото образование. Со поддршка на ЕНКА, вели Азески, и со воведување стандарди и процеси кои сите ќе ги почитуваат ќе можеме да го подигнеме квалитетот во високото образование, затоа што бизнисот нема друга алтернатива.
Од аспект на бизнисот, квалитетот во високото образование е директно поврзан со продуктивноста, конкурентноста и долгорочниот развој на компаниите. Бизнисот не го мери квалитетот преку бројот на дипломи, туку преку вредноста што ја создава кадарот уште од првиот ден на вработување со знаење што е применливо, вештини што одговараат на реалните потреби на пазарот и способност за брза адаптација и иновација.
И токму поради тоа, само преку вистинско партнерство меѓу образованието и бизнис-заедницата може да се зборува за квалитет и градење кадар, кој не чека да биде обучен, туку веднаш придонесува за раст и конкурентност на економијата, како и создавање систем каде образованието не е изолирано, туку директно поврзано со економијата.
Проф. д-р. Кристина Гицулика е професор на Политехничкиот универзитет во Букурешт, Романија. Прва жена што ја презема оваа највисока лидерска позиција во организацијата од нејзиното основање.