„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
„Регионалната поврзаност повеќе не е само инфраструктурно прашање, туку предуслов за економски раст, конкурентност и подобар квалитет на живот“, порача претседателот Бранко Азески, на панел-сесијата посветена на зајакнувањето на регионалната поврзаност преку развојот на Коридорите 8 и 10, во рамки на XX Конференција на претседатели/спикери на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ), каде што учествуваше како панелист. Тој нагласи дека во време на динамични геополитички и економски промени, силните и функционални транспортни врски се клучни за стабилноста и отпорноста на нашите економии.
Во тој контекст, Азески посочи на значењето на Коридор 8 и Коридор 10, истакнувајќи дека за Комората и бизнис заедницата, Коридорите 8 и 10 не се само линии на карта, туку претставуваат животни линии на економијата, при што секое доцнење во нивната реализација значи пропуштени можности, намалена конкурентност и ограничен пристап до пазари.
Азески потенцираше дека инфраструктурната поврзаност е јасно дефинирана како еден од клучните столбови во стратешките документи на Комората и подвлече дека во изминатиот период се реализирани бројни активности за унапредување на регионалната соработка. „Организиравме бројни регионални конференции и бизнис-форуми, подготвувавме анализи и препораки базирани на реалните потреби на компаниите, особено во делот на транспортните трошоци, граничните процедури и времето на испорака, сè со цел да се поттикне јавно-приватниот дијалог“, истакна Азески, додавајќи дека преку партнерствата со други комори од регионот, Комората активно се залага за усогласен пристап и заедничко застапување пред европските институции и меѓународните финансиски организации.
Во своето обраќање, тој ја нагласи и улогата на парламентите како клучни двигатели во создавањето стабилна и предвидлива правна рамка: „Потребно е да се обезбеди континуитет на стратешките инфраструктурни приоритети, независно од политичките циклуси, да се поттикне регионална хармонизација на законодавството, особено во делот на транспортот, царинските процедури и јавните набавки, како и да се обезбеди ефикасен надзор врз реализацијата на проектите и користењето на јавните средства“. Тој додаде дека е неопходно и креирање услови за поголемо вклучување на приватниот сектор преку јавно-приватни партнерства.
На крајот, Азески потенцираше дека Комората останува посветен партнер на институциите: „Ќе продолжиме активно да ги пренесуваме потребите на компаниите, да иницираме дијалог и да поддржуваме решенија кои водат кон побрза и поефикасна реализација на овие клучни инфраструктурни проекти“.