„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во својата 25-годишна кариера, Георгиева-Јовевска извршува клучни позиции во Стопанската комора и тоа најпрво како генерален секретар односно извршен директор на Комората па потоа и како потпретседател и советник на претседателот на Комората. Преку нејзините управувачки и лидерски вештини таа успешно води бројни иницијативи и проекти на Комората со што помага во засилување на позициите на македонските компании и го зајакнува коморското вмрежување.
Јелисавета Георгиева Јовевска е доктор по економски науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, Економски факултет, со специјалност менаџмент на бизнис асоцијациите, односно менаџментот ставен во функција на ефикасно и ефективно остварување на целите и задачите на Коморите генерално како организации.
Во 2001 година во Стопанската комора на Македонија започнува со работни ангажмани како референт во Центарот за европска интеграција, потоа како шеф на кабинетот на претседателот на Комората а од 2005 до 2011 година работи како генерален секретар на Стопанската комора на Македонија. Со менување на поставеноста на коморскиот систем во нашата земја, од 2011 година до 2019 ја извршува функцијата Извршен директор на Комората додека од мај 2019 година е нејзин потпретседател. Георгиева-Јовевска тековно е и советник на претседателот на Комората за економски развој и инфраструктура а од 2016 година па наваму работи и како претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) која е составен дел на Комората.
Бидејќи нејзината формула за успех е постојана надоградба, учење и едукација таа до сега има поминато преку 70 обуки, специјализации, академии и слично во земјата и странство и директно е вклучена во реализацијата на 15-тина успешни коморски проекти. Георгиева Јовевска е интерен проверувач (по ISO 9001:2008) во Стопанската комора преку управување со анализа на документи, класификација на документи, мапирање на деловен процес и сл. Целосно учествуваше во реализација на ИСО стандардот во Комората која го имплементираше како прва бизнис асоцијација во нашата земја во 2008 година.
Кога станува збор за дополнителни вештини, Георгиева-Јовевска е лиценциран вештак од областа на материјалното, сметководственото и финансиското работење, лиценциран помирувач и арбитер за мирно решавање на работни спорови, веќе десет години е лиценциран медијатор и лиценциран обучувач на медијатори. Во јуни 2022 година беше именувана од Владата на РСМ за прв национален координатор за медијација и постојано, покрај редовните работни активности учествува во активности за промоција и афирмација на медијацијата како една од најефикасните алатки за решавање на споровите со цел поголемо искористување на овој економичен, доверлив и брз начин на решавање на одреден спор, посебно кај бизнис заедницата.
На 23 април во х. DoubleTree by Hilton во Скопје, со свечена промоција во присуство на истакнати гости од општествено-економскиот живот во земјава, агенцијата „Марили“ ја одржа јубилејната манифестација на која беа доделени 30 награди, статуетки, на жени – менаџерки од целата држава и од различни дејности и сектори кои континуирано, долгогодишно успешно менаџирале и дале траен придонес кон македонската економија.
Специјални гости на манифестацијата беа министерката за финансии, м-р Гордана Димитриеска-Кочоска и вицегувернерката на НБРМ, м-р Ана Митреска кои и преку своите инспиративни говори, присуство и упатени пораки дадоа несебична поддршка на манифестацијата, женското претприемништво и успехот кој се гради макотрпно, со знаење, професионализам и упорност.

Покрај постоечките критериуми за избор на жена менаџер, најважен критериум беше жените да се најмалку 10 години на менаџерски позиции, со што се потврдува нивниот континуитет и успех во работата. Сите наградени менаџерки кои беа препорачани од нивните деловни колеги и партнери за нивното извонредно менаџирање и професионалност добија статуетка „Жена водилка“ излеана во бронза, авторско дело на академскиот вајар, проф. д-р Никола Смилков.
Манифестацијата на чело со генералната директорка на Марили Лидија Трипуноска, години наназад претставува јакнење на женското менаџерство претприемашво и лидерство и дава општествен придонес во јакнењето на родовата рамноправност и принципот „еднакви можности за сите“.
Освен манифестацијата, 30 годишен јубилеј одбележува и „Бизнис Каталогот на РС Македонија“ кој веќе е излезен од печат. Воведниот дел на Каталогот е посветен на 35 години независна современа македонска држава, а во внатрешниот дел изобилуваат бројни интервјуа со прогласените жени менаџери, интервјуа со министри, претставници од бизнис коморите, уметници, глумци, музичари и др.

На свеченото доделување на наградите што синоќа се одржа традиционално по 30-ти пат, статуетката „Жена водилка“, покрај д-р Јелисавета ГеоргиеваЈовевска, ја добија и уште 29 успешни менаџерки од Р.С.Македонија. Лауреатки по повод овој голем јубилеј беа: Даниела Адемоска, сопственичка и извршна директорка на хотелот DoubleTree by Hilton, Скопје, м-р Јаглика Јорданова Андријеска, управувачки партнер, во „РСМ МАКЕДОНИЈА“, Скопје, Александра Шкемби Антовска, генерална директорка на „СИГАЛ ЛАЈФ ИНШУРЕНС ГРУП“ Македонија, Филомена Пљаковска Аспровска, главна извршна директорка на „Интернационален Картичен Систем АД Скопје“-CASYS, Наташа Паунова Блажевска, сопственичка и генерална менаџерка на „Л&Н&Т Диагностик“ ДОО, Скопје, м-р Ѓулај Салиевска-Гештаковска, управителка и генерална менаџерка на „Кондево МК ДООЕЛ“ Штип, д-р Жанина Петрова-Грајиќ, хирург, офталмолог, косопственичка и менаџерка на ПЗУ Центар за очи „Визиа“, Скопје, Мелита Гугуловска, генерална директорка на САВА Осигурување А.Д. Скопје, д-р Горица Дачевска, дерматовенеролог, сопственичка и генерална менаџерка на ПЗУ „Др. Горица“, Скопје, доц. д-р Тања Дејаноска, претседателка на Комората на приватно здравство на Македонија, сопственичка и генерална менаџерка на Dental International-Prof. dr. Dejanoski, Скопје, м-р Дафинка Ивановска, адвокатка, Рубинов директор во „тианДе“ и извршна менаџерка во „Ревитал Козметикс“, Скопје, м-р Ирена Јакимова, сопственичка и менаџерка во „Инспирит Коучинг“, Скопје, м-р Ангела Јолакоска, косопственичка и генерална менаџерка во „АСП Консалтинг“, Охрид и финансов менаџер во „АСП ПАК“ Охрид, Билјана Караманолевска, сопственичка и генерална менаџерка на „Светот на Колорес“, Скопје, Ленче Карпузовска, менаџерка во оддел за комуникации во „ЕВН Македонија“, м-р Марија Костуранова, сопственичка и генерална менаџерка на „Диоптра Оптикс“, Скопје, Биљана Мишиќ, извршна директорка на ИУТЕ Македонија, Васка Мојсовска, сопственичка и генерална менаџерка на „Агро Калем“, Тимјаник, Неготино, Елена Пандева, сопственичка и генерална менаџерка на „ЕЛЕНА ЛУКА ГРУПAЦИЈА“, Скопје, М-р Марија Патриклиска, менаџер во оддел за човечки ресурси во „ЕАМ“ ДОО, Штип, Даниела Перканоска, сопственичка и генерелна менаџерка на „Авто Контрол – Сервис“ Прилеп, Анета Антова Пешева, почесен конзул на Канада во Македонија, сопственичка и генерална менаџерка на Групацијата на компании „Ултра-Унет“, Скопје, Весна Ставрова, претседателка на Фармацевтската комора, сопственичка и генерална менаџерка на ПЗУ Аптека „Сара фарм“, Скопје, м-р Татјана Стерјева, спец. фармацевт, сопственичка и генерална менаџерка на „ЕУРОФАРМ“, Битола, д-р Василка Салевска-Трајкова, менаџер за корпоративни прашања во Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Д.О.О. Скопје, Викторија Шотароска Трајкова, генерална директорка на П.И.К.Ко Македонија, Елида Трајковска, косопственичка и генерална менаџерка на „Хауз Мајстор Фасилити“, Скопје, м-р Златица Цивкароски, член на Управен одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје и м-р Ксенија Чаминска, сопственичка и генерална менаџерка на „Професионал Акаунт“, Скопје.
Стопанската комора на Северна Македонија на сите наградени успешни жени-менаџери им честита за наградите и им посакува во следниот период постигнување прогрес на професионален и приватен план.
Стопанската комора посебно упатува честитки до генералната менаџерка на Марили Агенција, Лидија Трипуновска за големиот јубилеј на двата значајни проекти на “Марили” како и за успешно организираниот настан кој претставуваше собир на квалитет, знаење, издржливост, сила, елеганција, нежност и мотив за постигнување уште подобри резултати во заедништво со тимовите и поддршката од најблиските.