Претставници на Асоцијацијата на осигурително брокерски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија одржаа редовен работен состанок со Андриана Матлиоска, државен секретар во Министерството за финансии, посветен на подобрување на пазарната поставеност и заштита на интересите на осигурениците на македонскиот осигурителен пазар. Централна тема на дискусиите беше обезбедувањето фер конкуренција и еднакви услови за сите лиценцирани канали за продажба на осигурување.
Асоцијацијата укажа на несоодветната пазарна пракса во која одредени нелиценцирани субјекти (правни и физички лица), дистрибуираат осигурителни производи без поседување соодветна лиценца. Исто така, беше отворено и прашањето за заобиколување на законската регулатива преку промоторски и маркетинг договори, кои во суштина функционираат како посредна продажба на осигурување.
„Брокерските друштва се единствениот професионален и лиценциран канал кој дејствува исклучиво во интерес на клиентот. Нашата мисија е да обезбедиме максимална заштита за осигурениците, што е возможно само ако сите учесници на пазарот работат под исти, јасно дефинирани правила“, беше нагласено на состанокот.
На состанокот се разговараше и за финансиското работење на брокерските друштва, вклучително планирањето и наплатата на приходите од вршење на осигурително брокерски работи, како и други аспекти насочени кон зголемување на ефикасноста во секојдневното функционирање.
Разговорите ја потврдија потребата македонскиот осигурителен пазар да се развива во согласност со европските стандарди, со поголема транспарентност, професионализам и јасна регулаторна рамка.