„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Средно што е вредно: Презентирани потенцијалите на образовните профили во секторот угостителство и туризам пред ученици од Битола, Новаци и од Могила

13.03.2026

| Актуелно

Надоврзувајќи се на иницијативата во Охрид, Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Министерството за образование и наука и со поддршка на проектот „Образование за вработување – Е4Е@мк“, продолжи со активностите за промоција на угостителско-туристичкиот сектор и во другите региони. Токму во тој контекст, фокусот се префрли на Битола, каде што во организација на Здружението за угостителство и туризам и со домаќинство од хотел „Молика“ на Пелистер, се реализираше директен еднодневен настан за запознавање на битолските основци со кариерните можности во туризмот.

Во живописниот амбиент на хотел „Молика“, сместен во срцето на Националниот парк „Пелистер“, повеќе од 50 ученици од деветто одделение од повеќе основни училишта од општините Битола, Новаци и Могила имаа единствена можност да го запознаат туризмот однатре. Целта на овој настан беше иста како и онаа во Регионалниот центар во Охрид – да се поттикне интересот кај младите за запишување во стручните училишта од угостителско-туристичката струка, но и да се разбијат предрасудите за работата во овој сектор.
Хотелот „Молика“ како еден од најавтентичните планински хотели во земјава се покажа како идеална локација за ваква промоција. Учениците имаа можност да се запознаат со сите сегменти на хотелското работење – од рецепцијата и сместувачките капацитети, па сè до кујната и ресторанот. Посебен впечаток кај младите битолчани оставија сведоштвата на вработените кои својата кариера ја градат во овој објект. Настанот го отвори г. Николче Каровски, координатор за развој на туризмот и угостителството во друштвото „ЕСМ Молика“. Во отворен разговор со учениците за митовите дека туризмот е тешка и неперспективна гранка, тој истакна дека иако работата е динамична и понекогаш напорна, таа нуди огромна можност за брз напредок, работа во мултикултурна средина и за изразување на креативноста. Битола како град богат со културно-историско наследство има огромен туристички потенцијал, кој бара квалитетен, стручен и мотивиран кадар.
На настанот се разговараше и за конкретните образовни профили од туристичко-угостителскиот сектор кои учениците можат да ги изберат, преку презентација од СОУ „Таки Даскало“ Битола и од РСЦОО „Ванчо Питошески“ Охрид. Координаторот за учење преку работа во СОУ „Таки Даскало“ истакна дека наставните програми се осовременети, бројот на запишани ученици последните неколку години се зголемува и дека практичната настава сè повеќе се одвива во реални работни средини, токму во хотели и ресторани како што е „Молика“. Во прва и во втора година предметите се повеќе општообразовни, додека, пак, во трета и во четврта година повеќе се застапени стручните предмети и еден до два дена пракса кај работодавец. Учениците имаа можност да слушнат искуство и од поблиската генерација, презентирано од ученичка во четврта година од РЦСОО „Ванчо Питошески“, која преку својот избор на струка им објасни на учениците како се реализира наставата во дуалното образование, кое опфаќа настава во училиште и кај работодавец, овозможувајќи им работно искуство и добивање практични вештини уште во втората наставна година.
Претставниците на Стопанската комора истакнаа дека ваквите посети се клучни бидејќи ја поврзуваат теоријата со практиката. Како и во Охридскиот Регион така и во Битола, работодавците се соочуваат со недостиг од квалификувана работна сила. Голем дел од младите сѐ уште се двоумат или заминуваат во странство. Токму затоа пораката од хотел „Молика“ беше јасна: туризмот во Битола и на Пелистер има иднина. Потребни се млади луѓе со своите знаења, енергија и љубов спрема овој крај за да може заеднички да се понуди врвна услуга и да се привлечат гости од целиот свет.