„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Кулебанова: Сивата економија достигнува околу 30% од БДП – потребни се системски мерки

11.03.2026

| Актуелно

Сивата економија во земјава се проценува на околу 30 проценти од бруто-домашниот производ, што значи дека речиси секоја трета економска активност не е целосно пријавена, посочи Габриела Кулебанова, претседател на Центарот за микро, мали и средни претпријатија при Стопанската комора на Северна Македонија, на средбата на Советот за даночна усогласеност одржана во контакт-центарот на Управата за јавни приходи (УЈП).

Кулебанова истакна дека за намалување на неформалната економија се потребни системски мерки, меѓу кои донесување нов закон за трговија и нов закон за пазарите, со цел модернизација на регулативата и прилагодување на современите економски текови и зголемената дигитализација на трговијата.

Во својата презентација таа укажа и на потребата од измени во системот на царинење на групни пратки што се декларираат по тежина, со цел да се намалат можностите за злоупотреби и да се обезбедат пофер услови за компаниите што работат легално.

На состанокот беше нагласено дека борбата против сивата економија бара координиран пристап на институциите, бизнис-заедницата и граѓаните, како и комбинација од регулаторни реформи, дигитални алатки и стимули за формализација на економските активности.

Меѓу предложените мерки се поврзување на базите на податоци на институциите, формирање специјализирана единица во УЈП за следење на интернет-продажбата и намалување на регулаторниот товар за малите бизниси.

Учесниците оценија дека без заеднички и координиран ангажман на сите чинители, мерките за намалување на неформалната економија тешко ќе дадат долгорочни резултати.