„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правилник за индикативниот план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија

06.02.2024

Врз основа на член 172-а став (5) од Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19 и 236/22), министерот за економија донесе
ПРАВИЛНИК ЗА ИНДИКАТИВНИОТ ПЛАН ЗА ИЗГРАДБА НА КАПАЦИТЕТИ
ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ
НА ЕНЕРГИЈА (*)
 
Член 1
Со овој правилник се пропишуваат:
1) формата и содржината на Индикативниот план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија,
2) формата и содржината на Извештајот за реализација на Индикативниот план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија за претходната година и
3) податоците потребни за изработка на Индикативниот план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, како и начинот и роковите за нивно доставување.
Член 2
Индикативниот план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија (во натамошниот текст: Индикативниот план), треба да придонесе за:
1) забрзување на развојот на обновливи извори на енергија и остварување на енергетските цели и целите за заштита на биодиверзитетот,
2) приоретизирање и забрзување на процесот на просторно планирање со цел изградба на енергетски капацитети со минимално негативно влијание,
3) вклучување на што поголем број засегнати страни во развивање на проекти за искористување на обновливи извори на енергија,
4) зачувување на природните живеалишта и заштитени подрачја,
5) поттикнување на заштитата на земјоделското земјиште кое ќе биде усогласено со развивањето на проекти за искористување на обновливи извори на енергија,
6) споделување на конкретните придобивки од проектите за искористување на обновливи извори на енергија и
7) поттикнување на децентрализација во производството на енергија. 
 
Форма и содржина на Индикативниот план
Член 3
(1) Индикативниот план се изработува во електронска форма и се објавува на веб страницата на Министерството за економија.
(2) Индикативниот план содржи податоци за:
1) состојбата на капацитетите за производство на електрична енергија и електроенергетска инфраструктура по региони и по статуси (изградени, во изградба и во план за изградба)
2) технологиите за производство на електрична енергија за коишто постапката за
изградба може да започне во периодот за којшто се однесува Индикативниот план,
3) вкупната инсталирана моќност на електроцентралите од обновливи извори на енергија, вклучително и постројки за складирање на електрична енергија, чијашто изградба може да започне или да се приклучи на електропреносниот систем, односно електродистрибутивниот систем во периодот за кој што се однесува Индикативниот план, структурирани според технологиите за производство на електрична енергија и по региони определени во развојните планови на операторите на електропреносниот и електродистрибутивниот систем,
4) проценката за вкупната инсталирана моќност на електроцентралите од обновливи извори на енергија, вклучително и постројки за складирање на електрична енергија, чијашто изградба може да започне или да се приклучи на електропреносниот систем, односно електродистрибутивниот систем во наредните две години кои следуваат по годината за која се донесува Индикативниот план, структурирани според технологиите за производство на електрична енергија и по региони определени во развојните планови на операторите на електропреносниот и електродистрибутивниот систем и
5) Извештајот за реализација на Индикативниот план за претходната година.
Форма и содржина на Извештајот за реализација на Индикативниот план за претходната година
Член 4
(1) Извештајот за реализација на Индикативниот план за претходната година се изработува во електронска форма и се објавува на веб страницата на Министерството за економија, при што е составен дел на Индикативниот план.
(2) Извештајот од став (1) на овој член содржи:
- податоци за вкупната инсталирана моќност на електроцентралите од обновливи извори на енергија, вклучително и постројки за складирање на електрична енергија, чијашто изградба е започната во претходната година,
- податоци за електроцентралите од обновливи извори на енергија, вклучително и постројки за складирање на електрична енергија приклучени на електропреносниот систем, односно електродистрибутивниот систем во претходната година, структурирани според технологиите за производство на електрична енергија и по региони определени во развојните планови на операторите на електропреносниот и електродистрибутивниот систем,
- број на издадени решенија за давање согласност за изградба на фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност до 10 MW на земјиште предвидено за изградба, во претходната година и
- број на издадени решенија за одбивање на барањата за изградба на фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност до 10 MW на земјиште предвидено за изградба, во претходната година.
Податоци потребни за изработка на Индикативниот план
Член 5
(1) За потребите на изработката на Индикативниот план се доставуваат следните податоци:
1) од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија податоци за
- издадени лиценци и пробни лиценци за вршење енергетска дејност производство на
електрична енергија во годината во која се донесува Индикативниот план од кои може да
се утврди називот на електроцентралата, бројот на катастарската парцела на која е
изградена електроцентралата, технологијата на производство и инсталираната моќност на
електроцентралата за која на производителот му е издадена лиценцата и
- издадени решенија за стекнување привремен статус на повластен производител кој
што користи повластена тарифа во годината во која се донесува Индикативниот план од
кои може да се утврди називот на електроцентралата, бројот на катастарската парцела на
која е изградена електроцентралата, технологијата на производство и инсталираната
моќност на електроцентралата за која производителот стекнал привремен статус на
повластен производител кој што користи повластена тарифа;
2) од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство податоци од
Земјишниот регистар на земјоделско земјиште во државна сопственост за земјоделското
земјиште во државна сопственост и за евидентираното земјоделско земјиште во приватна
сопственост кое не е обработено подолго од 12 последователни месеци со катастарски
класи од V до VIII и кои се однесуваат на катастарска општина, катастарска парцела,
катастарска култура, катастарска класа, површина во м2 и датуми на влегување во сила и
на истекување на важност на товари;
3) од Министерството за транспорт и врски податоци за:
- донесени и започнати постапки за донесување урбанистички планови за подрачја и
градби од државно значење за градби за производство на електрична енергија во годината
во која се донесува Индикативниот план,
- одобрени или започнати постапки за одобрување на урбанистички проекти вон опфат
на урбанистички план за градби за производство на електрична енергија во годината во
која се донесува Индикативниот план,
- издадени одобренија и започнати постапки за издавање на одобренија за градење на
градби за производство на електрична енергија и енергетска инфраструктура кои согласно
Законот за градење се градби од прва категорија во годината во која се донесува Индикативниот план и
- издадени одобренија и започнати постапки за издавање одобренија за употреба на
градби за производство на електрична енергија и енергетска инфраструктура кои согласно
Законот за градење се градби од прва категорија во годината во која се донесува
Индикативниот план;
4) од Министерството за животна средина и просторно планирање податоци за:
- Просторниот план на Република Северна Македонија и просторните планови за
негово разработување и спроведување кои содржат планска определба за енергетскиот
развој,
- за донесени или започнати постапки за носење планови за управување со заштитени
природни подрачја во годината во која се донесува Индикативниот план кои се однесуваат
на можноста да се поставува нова енергетска инфраструктура и да се изведуваат активности за градење на инсталации за производство и
- податоци за планирани и започнати постапки за доделување концесии за користење на
води за производство на електрична енергија во годината во која се донесува Индикативниот план;
5) од Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија податоци за:
- издадени одобренија и започнати постапки за издавање одобренија за мерење на
потенцијалот на ветерната енергија во годината во која се донесува Индикативниот план
од кои може да се утврди просторот за мерното место и просторот на кој ќе се врши мерењето за кои на барателот му е издадено или бара да му се издаде одобрението и
- назив на субјектот - производител, локација на електроцентралата и тип на електроцентрала во зависност од применетата технологија, за електроцентралите кои се запишани или се во постапка на упис во Регистарот на електроцентрали кои произведуваат електрична енергија од обновливи извори на енергија во годината во која се донесува Индикативниот план.
6) од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија во соработка со Министерството за економија, податоци обезбедени од општините за:
- донесени и започнати постапки за донесување на урбанистички планови за градби за производство на електрична енергија и енергетска инфраструктура во годината во која се донесува Индикативниот план за чиешто донесување е надлежна општината,
- одобрени или започнати постапки за одобрување на урбанистички проекти за градби за производство на електрична енергија и енергетска инфраструктура во годината во која се донесува Индикативниот план за чиешто одобрување е надлежна општината,
- издадени одобренија и започнати постапки за издавање на одобренија за градење на градби за производство на електрична енергија и за енергетска инфраструктура кои согласно Законот за градење се градби од втора категорија во годината во која се донесува Индикативниот план и
- добиени извештаи за извршен технички преглед од надзорен инженер во кој е констатирано дека градбата за производство на електрична енергија и за енергетска инфраструктура, кои согласно Законот за градење се градби од втора категорија, може да се стави во употреба во годината во која се донесува Индикативниот план.
(2) На барање на Министерството за економија или по своја сопствена проценка, институциите од став (1) на овој член доставуваат и други податоци со кои располагаат, ако се поврзани со податоците наведени во став (1) на овој член и се од значење за изработка на Индикативниот план.
Начин и рокови за доставување на податоците
Член 6
(1) Податоците од член 5 од овој правилник, на барање на Министерството за економија се доставуваат во електронска форма која овозможува понатамошна обработка на податоците, освен податоците кои се создадени, обработуваат или чуваат во електронска форма која не е општо достапна и интероперабилна со производите на информациско - комуникациските технологии за општа употреба.
(2) Податоците од член 5 од овој правилник се доставуваат преку електронска пошта на адреса за електронска пошта наведена во барањето на Министерството за економија, а можат да бидат доставени и на електронски уред или да бидат поставени за преземање од платформа во облак.
(3) Податоците од член 5 од овој правилник се доставуваат секоја година во период од 15-ти октомври до 31-ти октомври.
(4) Ако Министерството за економија побара појаснување или дополнување на доставените податоците, институцијата ги доставува појаснувањата или дополнувањата надоцна осум дена од денот на приемот на дополнителното барање, освен ако бараните појаснувања и дополнувања се однесуваат на голема количина на податоци или податоци кои треба да се создадат, во кој случај се доставуваат најдоцна 15 дена од денот на приемот на дополнителното барање.
Член 7
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 12-761/1
31 јануари 2024 година   Министер за економија,
Скопје                     КрешникБектеши/KreshnikBekteshi,с.р