„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Програма за поддршка на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста на малите и средните претпријатија во 2024 година

06.02.2024

Врз основа на член 36 став (5) од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00,12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 30 јануари 2024 година, донесе
ПРОГРАМА ЗА ПОДДРШКА НА ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО, КОНКУРЕНТНОСТА И ИНОВАТИВНОСТА НА МАЛИТЕ И СРЕДНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО 2024 ГОДИНА
 
Член 1
Со оваа програма се уредува намената на средствата за поддршка на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста на малите и средните препријатија (во натамошниот текст: МСП) обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, Раздел 10001, Програма 4, Потпрограма 40 – Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: АППРСМ) Ставка 425 - договорни услуги и Ставка 464 - разни трансфери во вкупен износ од 32.000.000,00 (триесет и два милиони) денари.
Член 2
Средствата од член 1 од оваа програма ќе се користат за следните намени:
1.Поддршка за самовработување (претприемништво)
Изработка на оддржливи бизнис планови со советодавна поддршка од советници регистрирани во S на советници при АППРСМ, со цел поддршка за невработените да започнат сопствен бизнис. Поддршката се реализира согласно Оперативниот план 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, а преку Ваучерскиот систем на советување на АППРСМ. Реализацијата на оваа активност ќе се одвива преку организациите за деловна поддршка. Програмската активност ќе се реализира од ставките 425 и 464 од членот 1 од оваа програма.
Постапката за доделување на средствата од оваа точка ќе се изврши согласно Прирачникот за процедури на Ваучерскиот систем на советување и преку објавување на јавни повици за избор на организации за деловна поддршка на претприемништвото, објавени на веб страницата на АППРСМ – www.apprm.gov.mk и/или во печатените медиуми.
                                                                                                 24.000.000,00 денари
2. Ваучерски систем на советување
Имплементација на ваучерски систем за советување за советодавни услуги кај 38 клиенти со цел давање поддршка на зајакнувањето на конкурентноста на постоечките мали и средни претпријатија и основање на нови претпријатија, ширење на ваучерскиот систем за советување како инструмент за подобрување на работењето на секторот на МСП и оддржување на веб страната за консултанти.
Реализацијата на оваа активност ќе се одвива преку организациите за деловна поддршка
Постапката за доделување на средства од оваа точка ќе се изврши согласно Прирачникот за процедури на Ваучерскиот систем на советување и преку објавување на јавни повици за избор на организации за деловна поддршка на претприемништвото, објавени на вебстраната на АППРСМ – www.apprm.gov.mk и/или во печатените медиуми, како и повик допотенцијалните претприемачи и активните мали и средни претпријатија за аплицирање наоваа програмска активност.
При поддршката на потенцијалните претприемачи и активните мали и средни претпријатија, особено внимание ќе се обрне на зголемено учество на жените во оваа програмска активност, при што најмалку 170.000,00 денари од предвидените ќе се наменат за поддршкана жени претприемачи.1.700.000,00 денари
3. Стандардизирани менторски услуги
Во рамките на регионалниот проект ― “Зајакнување и проширување на менторските услуги за мали и средни претпријатија во земјите од Западен Балкан”, поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), во текот на 2024 година ќе бидат обучени нови ментори, со вклучување и на нови организации за деловна поддршка. Во 2024 година менторската програма ќе се прошири со нови специјализирани содржини во полето на продуктивноста на МСП, интернационализација и регионална деловна соработка. Новообучените ментори, заедно со веќе постоечките, ќе извршат менторирање на активни МСП, во согласност со Методологијата за стандардизирани менторски услуги наменети за МСП изработена по јапонски стандарди. Програмската активност ќе се реализира од ставката 464 од членот 1 од оваа програма.
Постапката за доделување на средства од оваа точка ќе се изврши преку објавување на јавни повици за избор на организации за деловна поддршка на претприемништвото, објавени на веб страната на АППРСМ – www.apprm.gov.mk и и/или во печатените медиуми, како и повик за учество и промоција на активностите насочени кон зголемување на учеството на ново - основаните и постоечките мали и средни претпријатија за аплицирање на оваа програмска активност.
При поддршката на активните мали и средни претпријатија, особено внимание ќе се обрне на зголемено учество на жените во оваа програмска активност, при што најмалку 350.000,00 денари од предвидените ќе се наменат за поддршка на жени претприемачи.
                                                                                                                                           3.500.000,00 денaри
4. Инфо пулт - проект во соработка со регионалните центри
Поддршка на деловните центри во активностите поврзани со понатамошно функционирање на мрежа на центри и имплементација на програми за помош, информирање и советување на мали и средни претпријатија, со цел давање на информативна, промотивна, советодавна и логистичка поддршка на 450 МСП и потенцијалните претприемачи кои сакаат дасе самовработат, како и дистрибуција на релевантни и корисни информации за МСП и потенцијалните претприемачи.
Постапката за доделување на средства од оваа точка ќе се изврши преку објавување најавен повик за избор на организации за деловна поддршка на претприемништвото објавен на веб страната на АППРСМ – www.apprm.gov.mk и/или во печатените медиуми.
                                                                                                                                         450.000,00 денари
5. Претприемачко образование – биди претприемач
Реализирање на пет работилници за промоција на претприемништвото и подигање на свеста за претприемништвото кај младите луѓе (со вкупен опфат на 75 учесници – ученици, студенти и невработени лица), како и развој на претприемачкиот дух и култура потребни за отворање на сопствен бизнис, со посебен осврт на дигиталните вештини.
                                                                                                                 300.000,00 денари
6. Организирање на обуки за подготовка на бизнис план
Организирање на осум обуки (со вкупен опфат од 160 учесници – ученици и студенти) на различни теми за подготовка на бизнис план, наменети за студенти и ученици од средните училишта. При организирањето на обуките ќе се води сметка за регионалната застапеност.
                                                                                                               300.000,00 денари
7. Организирање на обука за наставници / професори кои го предаваат предметот претприемништво и бизнис
Организирање на четири еднодневни обуки за најмалку 60 професори од средните училишта и од факултетите кои го предаваат предметот претприемништво и бизнис, со цел зголемување на нивните капацитети за најновите претприемачки трендови за дигитално и зелено претприемништво, проширување на нивните знаења и здобивање со нови вештини поврзани со претприемачкото учење.
                                                                                                                  300.000,00 денари
8. Организирање на работилници за подигање на свеста за дигитализација кај МСП
Организирање на шест работилници за МСП (со вкупен опфат од 90 учесници) за потребата од дигитализација во туризмот и со него поврзани дејности со цел зголемување на продуктивноста и конкурентноста за настап на странски пазари.
Посебен осврт на работилниците ќе се даде на градење на заеднички ставови и настап во однос на политиките кои влијаат на економската клима и условите за нивно работење во земјата.
                                                                                                                 450.000,00 денари
9. Организирање на обуки за локални консултанти
Организирање на три обуки (со вкупен опфат од 45 учесници – локални консултанти) за здобивање на дополнителни знаења и вештини со кои ќе им се помогне на претпријатијата во зајакнувањето на нивната конкурентност на домашниот и странскиот пазар, согласно досегашните анализи за потребите од обуки кај малите и средните претпријатија од регионот и Република Северна Македонија.
                                                                                                                  250.000,00 денари
10. Поддршка за женско претприемништво
Организирање на две обуки за жени претприемачи (со вкупен опфат на 40 учесници – жени претприемачи) за веќе постоечки претпријатија раководени од страна на жени претприемачи и жени потенцијални претприемачи. Целта на овие обуки е да се обезбеди широка информираност на жените претприемачи за инструментите за финансиска поддршка на женско претприемништво.
                                                                                                                                                   150.000,00 денари
11. Kофинансирање на национален натпревар на средношколци на Џуниор Ачивмент Македонија
Кофинансирање на национален натпревар на средношколци од Република Сверна Македонија, кој ќе се одржи во април 2024 година, во организација на Џуниор Ачивмент Македонија, во рамките на „Програмата за претприемничко образование-ученичка компанија“ и церемонија за прогласување на победници, со учество и поддршка на претставници од бизнис секторот, невладини организации, донатори и Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија.
                                                                                                                                                220.000,00 денaри
12. Подготовка на годишен извештај - Опсерваторија за МСП
Подготовка на годишен извештај за состојбата кај МСП и трендовите на овој сектор во 2023 година. Извештајот опфаќа споредба на бројот на МСП, нивното учество во бруто домашниот производ, во извозот, итн.
                                                                                                                                             380.000,00 денaри
Член 3
Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија до 31.3.2025 година, да достави извештај до Владата на Република Северна Македонија со финансиски показатели за реализација на оваа програма, во кои ќе бидат опфатени постигнатите резултати, како и образложението за евентуални отстапувања од планираните активности.
Член 4
Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.“
Бр. 41-616/6                 Претседател на Владата
30 јануари2024година на Република
                                 Северна Македонија,
Скопје             м-рТалатЏафери/TalatXhaferi, с.р