„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Закон за изменување на Законот за здравствена заштита

14.12.2023

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА
ЗАШТИТА
 
Се прогласува Законот за изменување на Законот за здравствената заштита, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 11 декември 2023 година.
 
Бр. 08-6409/1              Претседател на Република
11 декември 2023 година Северна Македонија,
Скопје                                Стево Пендаровски, с.р.
 
             Претседател
на Собранието на Република
Северна Македонија,
м-р Talat Xhaferi, с.р.
З А К О Н
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА
 
Член 1
Во Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 43/12, 145/12, 87/13, 164/13, 39/14, 43/14, 132/14, 188/14, 10/15, 61/15, 154/15, 192/15, 17/16, 37/16 и 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/19, 153/19, 180/19, 275/19, 77/21, 122/21, 178/21, 150/22, 236/22 и 199/23), членот 222 се менува и гласи:
„(1) Здравствените работници - специјалисти вработени во јавна здравствена установа кои вршат специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност, со над две години работно искуство во специјалноста, можат да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност по редовното работно време и согласно со нивната лиценца за работа во јавната здравствена установа каде што се вработени или во друга јавна или приватна здравствена установа која е регистрирана за истата дејност, при што здравствената услуга ја укажуваат самостојно или во тим, предводен од здравствениот работник - специјалист, составен од здравствени работници и други вработени во здравствената установа во која се врши дополнителната дејност (здравствени соработници и/или помошно-технички лица) кои учествуваат во дополнителната дејност (во натамошниот текст: тим за дополнителна дејност).
(2) Здравствените работници вработени во приватни здравствени установи на примарно ниво на здравствена заштита со полно работно време и со над две години работно искуство во дејноста можат да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност по редовното работно време и согласно со нивната лиценца за работа во јавна здравствена установа во обезбедување на непрекината 24-часовна итна медицинска помош и во обезбедување непрекинато вршење на здравствена дејност со работа со дежурство.
(3) За укажување на здравствените услуги како дополнителна дејност здравствените работници и/или тимот за дополнителна дејност, до директорот на здравствената установа во која се вработени поднесуваат писмено барање за согласност за вршење дополнителна дејност, најмалку пет дена пред извршувањето на дополнителната дејност.
(4) Директорот на здравствената установа во рок од три дена од поднесувањето на барањето од ставот (3) на овој член е должен да даде согласност за укажување здравствени услуги како дополнителна дејност доколку подносителот на барањето ги исполнува условите од ставот (1) на овој член и во изминатиот месец ги исполнил сите планирани обврски во здравствената установа во којашто е вработен.
(5) Меѓусебните права и обврски меѓу здравствените работници и/или тимот за дополнителна дејност и здравствените установи во кои ги укажуваат здравствените услуги како дополнителна дејност од ставовите (1) и (2) на овој член се уредуваат со договор за дополнителна дејност, во кој особено се уредува висината и начинот на исплата на надоместокот за здравствениот работник и на тимот за дополнителна дејност.
(6) По исклучок од ставовите (3), (4) и (5) на овој член, во итен случај или во случај на неопходна потреба за обезбедување на услугите од ставот (2) на овој член, здравствените работници и/или тимот што ја укажал услугата како дополнителна дејност, до директорот на здравствената установа во која се вработени поднесуваат известување за извршената услуга со потврда за итноста на случајот во кој била укажана здравствената услуга или за неопходноста за укажаната здравствена услуга, издадена од установата во која услугата е извршена, а договорот за дополнителна дејност за здравствените услуги се склучува за секој одделен случај по укажаната услуга.
(7) Договорот за дополнителна дејност од ставовите (5) и (6) на овој член здравствената установа во која се укажуваат здравствените услуги како дополнителна дејност го доставува во рок од три дена од склучувањето до Министерството за здравство, кое врши надзор над спроведувањето на договорот.
(8) Здравствениот работник - специјалист од ставот (1) на овој член кој врши здравствена услуга како дополнителна дејност во приватна здравствена установа со која склучил договор, е должен најдоцна во рок од седум дена од склучувањето на договорот да го извести директорот на јавната здравствена установа во која е вработен за склучениот договор, периодот за кој е склучен и за времето во кое ќе ја врши здравствената услуга како дополнителна дејност.
(9) Јавната здравствена установа во која се укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност е должна да ги внесува здравствените услуги во интегрираниот здравствен информатички систем.
(10) Ценовникот и начинот на вршењето на дополнителната дејност во јавната здравствена установа во која се укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност ги утврдува директорот, односно директорите на јавната здравствена установа, во согласност со министерот за здравство.
(11) Ценовникот и начинот на вршењето на дополнителната дејност во приватна здравствена установа во која се укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност ги утврдува директорот на приватната здравствена установа.
(12) Цената на здравствените услуги кои се укажуваат како дополнителна дејност во јавна здравствена установа е составена од цената што ја покрива Фондот, надоместокот кој пациентот го плаќа како осигурено лице со лични средства во вкупните здравствени услуги и надоместокот за тимот за дополнителна дејност.
(13) Цената на здравствената услуга што се укажува како дополнителна дејност во јавна здравствена установа се уплаќа на посебна (наменска) сметка за дополнителна дејност на јавната здравствената установа.
(14) Ценовниците од ставовите (10) и (11) на овој член се истакнуваат во влезниот дел на здравствената установа, на лесно видливо и пристапно место (огласна табла, шалтер, наплатни места) и се објавуваат на веб-страницата на здравствената установа.“.
Член 2
Насловот пред членот 223 и членот 223 се менуваат и гласат:
„Услови за вршење на дополнителна дејност во јавна здравствена установа
Член 223
(1) Здравствениот работник - специјалист вработен во јавна здравствена установа, самостојно или со тимот за дополнителна дејност, има право во текот на еден месец, секој работен ден по редовното работно време и/или во сабота и недела, во дополнителна дејност да реализира:
1) најмногу до 20% од вкупните извршени интервенции во претходните три месеци;
2) најмногу до 20% од вкупните извршени дијагностички постапки и специјалистичко-консултативни услуги во претходните три месеци;
3) најмногу до 20% од вкупните извршени специјалистичко-консултативни услуги) во претходните три месеци, согласно со евиденцијата на извршени услуги во електронската листа на закажани прегледи и интервенции во интегрираниот здравствен информатички систем.
(2) Здравствен работник - специјалист вработен во приватна здравствена установа со заснован работен однос со полно работно време има право да состави тим за дополнителна дејност согласно со неговата лиценца за работа во јавна здравствена установа која е регистрирана за истата дејност, за која во јавната здравствена установа има недостаток на стручен кадар за континуирано и непречено вршење на делот од дејноста во која се укажува здравствената услуга како дополнителна дејност, во кој тим можат да учествуваат вработени во јавна и во приватна здравствена установа.
(3) Директорот на јавната здравствена установа е должен да направи распоред за користење на слободни термини за дополнителна дејност и за наредниот месец да ги објави до крајот на тековниот месец во интегрираниот здравствен информатички систем.
(4) Здравствениот работник - специјалист кој врши дополнителна дејност, на барање на пациентот е должен да го откаже терминот закажан за користење на здравствената услуга во дополнителна дејност преку електронската листа на закажани прегледи и интервенции.
(5) Здравствената услуга укажана како дополнителна дејност во јавна здравствена установа е на товар на Фондот, освен надоместокот за тимот за дополнителна дејност и учеството на пациентот како осигурено лице со лични средства во вкупните здравствени услуги.
Здравствената услуга извршена на осигурени лица преку дополнителна дејност во приватна здравствена установа целосно е на товар на пациентот како осигурено лице, кој нема право да бара надоместок на трошоците за здравствената услуга извршена како дополнителна дејност во приватна здравствена установа од Фондот.“.
Член 3
Во член 224 ставот (2) се менува и гласи:
„(2) Здравствениот работник од ставот (1) на овој член за потребите на дополнителната дејност која се укажува во јавна здравствена установа е должен да направи посебни требувања на лекови, медицински помагала и потрошен материјал и е должен да ги упатува пациентите коишто тој ги прегледал, односно врз кои извршил интервенција на секундарно и терцијарно ниво на здравствена заштита како дополнителна дејностза дополнителни специјалистичко-консултативни услуги преку електронската листа на закажани прегледи и интервенции заради дијагностика и лекување на болестите и повредите и рехабилитација, заради што издавапосебен интерспецијалистички упат, специјалистичко-супспецијалистички упат, упат за радиодијагностика и упат за лабораториски услуги, кој содржи ознака „дополнителна дејност“
Член 4
Во член 312 ставот (13) се менува и гласи:
„(13) Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице доколку не постапи во согласност со членот 222 став (4) од овој закон.
Член 5
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.