„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Одлука на Уставен суд на Република Северна Македонија за укинување на Правилникот за начинот на вршење на стручната оцена (ревизија) на рударските проекти

29.11.2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 14 ноември 2023 година, донесе
О Д Л У К А
 
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за начинот на вршење на стручната оцена (ревизија) на рударските проекти, донесен од министерот за економија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 287/2022).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Кренар Лога од с.Ливади, Струга, со Решението У.бр.144/2023, од 27 септември 2023 година, поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека министерот за економија донел Правилник за начинот на вршење на стручната оцена (ревизија) на рударските проекти, со архивски број 24-5417/1 од 9.12.2022 година, објавен на 29.12.2022 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 287/2022.
III
Владеењето на правото, според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Член 51 од Уставот уредува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 на наведениот член од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Член 52 од Уставот е содржан во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, конкретно во делот за гаранциите на основните слободи и права, што укажува дека Уставот во однос на објавувањето на законите и другите прописи, не приоѓа како на техничко прашање, туку како на суштинско прашање од значење и во функција на обезбедување на принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните во остварувањето на слободите и правата, гарантирани со Уставот.
Во конкретниот случај Судот утврди дека Правилникот за начинот на вршење на стручната оцена (ревизија) на рударските проекти, е заведен под архивскиот број 24-5417/1 од 9.12.2022 година, што како дејствие секогаш следи и е условено со претходно донесување на прописот.
Судот утврди и дека оспорениот правилник е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ со број 287/2022 на 29 декември 2022 година, од што произлегува дека од донесувањето на Правилникот, до денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“ се изминати повеќе од седум дена, односно надвор од предвидениот рок од член 52 став 2 од Уставот со кој е утврден временскиот период во кој законите и другите прописи треба да бидат објавени по нивното донесување, со што е доведен во прашање уставниот принцип на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.
IV
Од изнесените причини Судот оцени дека Правилникот за начинот на вршење на стручната оцена (ревизија) на рударските проекти, донесен од министерот за економија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 287/2022), не е во согласност со одредбите на Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
У. бр. 144/2023                                         Претседател
14 ноември 2023 година     на Уставниот суд на Република
Скопје                                                Северна Македонија,
                                                           Добрила Кацарска, с.р.