„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Службен весник на РСМ бр.212 од 10.10.2023 г. Одлука за менувачките работи

11.10.2023

Врз основа член 7 став 1 точка 10 и член 47 став 1 точка 6 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 123/12, 43/14, 153/15, 6/16, 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/21), член 36 став 3 и член 45 став 1 од Законот за девизното работење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 34/01, 49/01, 103/01, 51/03, 81/08, 24/11, 135/11, 188/13, 97/15, 153/15 и 23/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/21), Советот на Народната банка на Република Северна Македонија, донесе
 
О Д Л У К А ЗА МЕНУВАЧКИТЕ РАБОТИ
 
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
1. Со оваа oдлука се пропишуваат условите, начинот, постапката и потребната документација за добивање дозвола за вршење менувачки работи, начинот на вршење на менувачките работи и надзорот којшто го врши Народната банка на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: Народната банка).
2. Одделни поими употребувани во оваа oдлука го имаат следново значење:
- менувачки работи се купување ефективни странски пари и чекови коишто гласат во странска валута од странски и домашни физички лица и продавање ефективни странски пари и чекови на домашни и странски физички лица;
- овластени менувачи се резидентите правни лица со седиште во Република Северна Македонија коишто од Народната банка добиле дозвола за вршење менувачки работи во согласност со оваа одлука. Овластените менувачи може да вршат менувачки работи во свое име и за своја сметка или во свое име, а за сметка на банка;
- менувачко место е просторијата во која се вршат менувачките работи;
- благајничко место е дел од менувачкото место на кое се вршат менувачките работи;
- овластено лице е лицето вработено кај овластениот менувач, пријавено од овластениот менувач во Народната банка и евидентирано во Регистарот на издадените решенија на Народната банка како лице што ќе ги врши менувачките работи;
- одговорно лице е лицето што го застапува правното лице по закон;
- овластена банка е банката којашто од гувернерот на Народната банка има добиено дозвола за основање и работење;
- готовина се ефективни странски пари и чекови и денари;банкомат со функција за менувачко работење е автоматска машина преку која овластена банка врши купување, продажба или купопродажба на ефективни странски пари на физички лица; и
- соработник е физичко лице коешто заедно со физичкото лице кое е одговорно лице на подносителот на барањето, директно или индиректно и/или преку договор, остварува контрола врз домашно или странско трговско друштво.
II. УСЛОВИ ЗА ДОБИВАЊЕ ДОЗВОЛА ЗА ВРШЕЊЕ МЕНУВАЧКИ РАБОТИ И ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
3. Заради добивање дозвола од Народната банка за вршење менувачки работи, подносителот на барањето задолжително треба да ги исполни следниве услови:
- да е регистриран за дејноста „66.12 Дејности на посредување во работењето со хартии од вредност и стоковни договори“ или да е регистриран со „општата клаузула за бизнис“, во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица;
- да располага со соодветна просторија за вршење на менувачките работи;
- доколку сака да ги врши менувачките работи во свое име, а за сметка на банка, да има склучено договор со банката. Со договорот двете страни ги регулираат меѓусебните права и обврски најмалку во врска со износот на провизијата, потребните упатства и обрасци, откупот и продажбата, курсната листа по која ќе се вршат менувачките работи, контролата, меѓусебното известување и известувањето наменето за Народната банка, трошоците, како и бројот на менувачките места преку кои ќе работи подносителот на барањето;
- да има каса за безбедно чување на готовината којашто ќе се користи исклучиво за вршење на менувачките работи;
- во просторијата каде што ќе се вршат менувачките работи да има соодветни средства за заштита и обезбедување на готовината, имотот и вработените;
- да не е отворена стечајна постапка или да не е воведена постапка на ликвидација на подносителот на барањето;
- против одговорното лице на подносителот на барањето да не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност;
- против одговорното лице на подносителот на барањето да не е изречена правосилна судска пресуда на безусловна казна затвор над шест месеци, сѐ додека траат правните последици од пресудата. Доколку одговорното лице на подносителот на барањето има соработник, против соработникот да не е изречена правосилна судска пресуда на безусловна казна затвор над шест месеци, во периодот сѐ додека траат правните последици од пресудата.
4. За добивање дозвола за вршење менувачки работи, подносителот на барањето доставува писмено барање до Народната банка коешто ги содржи следниве податоци:
- фирма и седиште, единствен матичен и даночен број на подносителот на барањето;
- име и презиме, место и датум на раѓање, матичен број, адреса на живеење, број на телефон, датум на издавање и рок на важење на личната карта и државјанство на физичкото лице резидент кое е одговорно лице или овластено лице на подносителот на барањето. За физичкото лице нерезидент коешто е одговорно лице или овластено лице, барањето содржи име и презиме,
место и датум на раѓање, матичен број, адреса на престојот во Република Северна Македонија, број на телефон, датум и место на издавање, рок на важење и број на дозволата за престој и државјанство;
- адреса на просторијата во која ќе се вршат менувачките работи;
- број на телефон и адреса на електронско сандаче за прием (е-пошта) на подносителот на барањето;
- за чија сметка ќе ги врши менувачките работи.
Во прилог на писменото барање од ставот 1 на оваа точка се поднесува и следнава документација:
- доказ дека подносителот на барањето е регистриран за дејноста „66.12 Дејности на посредување во работењето со хартии од вредност и стоковни договори“ или дека е регистриран со „општата клаузула за бизнис“ во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица. Изводот од Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица да не е постар од 1 (еден) месец пред денот на поднесувањето на барањето;
- доказ за сопственост или договор за закуп на просторијата во која ќе се врши менувачкото работење;
- договор склучен со банка, доколку менувачките работи ги врши во свое име, а за сметка на банка;
- доказ дека има каса;
- доказ за заграден пулт и инсталиран алармен систем или заграден пулт со непробојно стакло;
- доказ од надлежен орган дека против подносителот на барањето не е отворена стечајна постапка или не е воведена постапка на ликвидација;
- доказ од надлежен орган дека против одговорното лице на подносителот на барањето не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност, не постар од 6 (шест) месеци пред денот на поднесувањето на барањето;
- изјава за лични податоци (име и презиме, место и датум на раѓање, матичен број, адреса на живеење, датум на издавање и рок на важење на личната карта и државјанство) на физичкото лице резидент кое е одговорно лице или овластено лице на подносителот на барањето, со која се потврдува дека податоците содржани во изјавата се негови и точни, заверена од овластено лице (нотар);
- изјава за лични податоци (име и презиме, место и датум на раѓање, матичен број, адреса на престојот во Република Северна Македонија, датум и место на издавање, рок на важење и број на дозволата за престој и државјанство), на физичкото лице нерезидент кое е одговорно лице или овластено лице на подносителот на барањето, со која се потврдува дека податоците содржани во изјавата се негови и точни, заверена од овластено лице (нотар);
- изјава од одговорното лице на подносителот на барањето дадена под целосна кривична и материјална одговорност, дали заедно со друго физичко лице директно или индиректно и/или преку договор, остварува контрола врз домашно или странско трговско друштво, заверена од овластено лице (нотар);
- Прашалник (образец 1), пополнет и потпишан од одговорното лице на подносителот на барањето, заверен од овластено лице (нотар), не постар од 6 (шест) месеци пред денот на поднесувањето на барањето;
- доказ од надлежен орган кој содржи податоци за називот на правните лица во кои одговорното лице на подносителот на барањето е евидентирано како основач, сопственик, содружник, член на орган на управување или надзор, не постар од 1 (еден) месец пред денот на поднесувањето на барањето.
5. Документацијата којашто се доставува кон барањето за издавање дозвола за вршење менувачки работи треба да биде доставена во оригинал или копија заверена кај овластено лице (нотар). Доколку документацијаташто треба да се достави е на друг јазик, заедно со оригиналот се доставува и превод на македонски јазик, заверен од овластен судски преведувач. За одлучување во врска со барањето за издавање дозвола за вршење менувачки работи, Народната банка може да побара допрецизирање на веќе доставената документација или доставување на дополнителни документи, податоци и/или информации од подносителот на барањето.
6. Народната банка, по службена должност, обезбедува потврда за (не)осудуваност на физичкото лице резидент кое е одговорно лице на подносителот на барањето, во смисла на точка 3 став 1 алинеја 8 од оваа одлука, од надлежниот суд.
Доколку физичкото лице резидент кое е одговорно лице на подносителот на барањето има соработник во смисла на точка 2 став 1 алинеја 10 од оваа одлука, Народната банка по службена должност обезбедува потврда за (не)осудуваност на соработникот од надлежниот суд.
Доколку се работи за странски физички лица, ваквите потврди издадени од надлежните институции во странската земја треба да бидат доставени кон барањето за добивање дозвола за вршење менувачки работи од страна на подносителот на барањето и не треба да бидат постари од 6 (шест) месеци пред денот на поднесување на барањето.
Доколку законодавството на земјата од која доаѓа физичкото лице кое е одговорно лице на подносителот на барањето или соработникот на овa лицe, поинаку ја регулира материјата од точката 6 став 1 на оваа одлука, подносителот на барањето е должен да приложи соодветен документ издаден од страна на надлежен орган или правно мислење од адвокат, со што ќе може да се потврди разликата во регулативата.
7. Народната банка одлучува во врска со барањето од точката 4 на оваа одлука со решение, во рок од 15 (петнаесет) работни дена од денот на комплетноста на барањето.
Под комплетно барање се подразбира барање во кое се содржани податоците и документацијата пропишани во точката 4 и документацијата која што ќе ја побара и ќе ја обезбеди Народната банка согласно со точката 5 и точката 6 на оваа одлука.
8. Овластениот менувач кој од Народната банка добил дозвола за вршење менувачки работи е должен, најдоцна во рок од 30 (триесет) дена од денот на добивањето на решението, да ги исполни и следниве дополнителни услови:
- на секое менувачко место видно да ги истакне фирмата на правното лице и посебен натпис „менувачница“ на македонски јазик и на најмалку еден од следниве јазици: англиски, германски, француски, шпански и италијански. Ако во истото менувачко место врши и други работи, натписот „менувачница“ мора да го истакне и во делот каде што се вршат менувачките работи;
- да обезбеди доказ дека на денарската платежна сметка располага со најмалку 200.000,00 денари;
- да инсталира интернет-врска;
- да обезбеди сертификат за електронски потпис од овластен издавач на дигитални сертификати за електронски потписи;
- да има програма за ефикасно намалување и управување со идентификуваниот ризик од перење пари и финансирање на тероризам, согласно со прописите со кои е регулирано спречувањето перење пари и финансирањето на тероризмот.
Овластениот менувач кој од Народната банка добил решение за изменување и дополнување на решението за вршење на менувачките работи заради промена на адресата на менувачкото место или заради отворање ново менувачко место е должен да го исполни дополнителниот услов од ставот 1 алинеја 1 на оваа точка, во рок од 30 (триесет) дена од денот на добивањето на решението.
Овластениот менувач е должен писмено да ја извести и да достави докази до Народната банка за исполнувањето на дополнителните услови.
9. Овластениот менувач може да отвори посебна денарска платежна сметка и девизна сметка за вршење на менувачките работи коишто ќе служат исклучиво за вршење на менувачките работи.
Од девизната сметка за вршење на менувачките работи, менувачот може:
- на овластената банка да ѝ продава девизи од уплатените ефективни странски пари коишто потекнуваат од вршењето на менувачките работи; или
- да повлекува или да внесува ефективни странски пари во/од касата на менувачкото место.
Од посебната денарска платежна сметка, менувачот може:
- да повлекува и да внесува денари во/од касата на менувачкото место;
- да пренесува денари на/од редовната денарска платежна сметка од точката 8 став 1 алинеја 2 на оваа одлука; или
- да купува ефективни странски пари во евра од овластената банка и да ги внесува во касата на менувачкото место.
Овластениот менувач може да купува ефективни странски пари од ставот 3 алинеја 3 на оваа точка, единствено поради недостиг на ефективни странски пари во евра, за што задолжително склучува договор со овластената банка со кој се уредуваат условите за купување ефективни странски пари.
Ефективните странски пари купени во согласност со ставот 4 на оваа точка, овластениот менувач не смее да ги продава по курс којшто е повисок од 0,03 денари од курсот по кој ги купил од овластената банка.
За склучениот договор од став 4 на оваа точка, овластениот менувач е должен да ја извести Народната банка, во рок од еден работен ден од датумот на склучувањето на договорот.
При отворањето на сметките од став 1 на оваа точка, овластениот менувач е должен да ѝ достави на овластената банка решение за добивање
10. Овластениот менувач може да отвори посебна денарска платежна сметка и девизна сметка за вршење менувачки работи во повеќе овластени банки. Овластениот менувач во една овластена банка може да отвори само една посебна денарска платежна сметка и една девизна сметка за вршење менувачки работи.
Доколку на овластениот менувач му е укината дозволата за вршење менувачки работи, по која било основа, тој е должен да ги затвори посебните сметки од ставот 1 на оваа точка, отворени за оваа намена кај овластените банки, веднаш или најдоцна во рок од 3 (три) работни дена од денот на добивањето на решението.
11. Народната банка, по писменото известување од овластениот менувач или по истекот на рокот определен во точка 8 од оваа одлука, ќе изврши контрола на менувачкото место за исполнување на условите од точка 3 став 1 алинеи 4 и 5 и точка 8 од оваа одлука. Доколку се утврди дека тие се исполнети за секое менувачко место, издава писмен белег ? налепница, со натпис „менувачницата ги исполнува условите за менувачко работење.”
По добивањето на налепницата, овластениот менувач е должен во рок од 3 (три) работни дена да започне со вршење на менувачките работи.
12. Доколку Народната банка со контролата утврди дека не се исполнети условите од точка 3 став 1 алинеи 4 и 5 и точка 8 од оваа одлука, нема да му издаде писмен белег - налепница на овластениот менувач и ќе му ја одземе дозволата за вршење менувачки работи.
13. Овластениот менувач е должен веднаш да ја извести Народната банка и да ѝ достави соодветна документација за секоја промена на условите од точката 3 од оваа одлука, со исклучок на променатa на условите за кои е предвиден друг рок на известување согласно со ставовите 2, 3, 4 и 6 од оваа точка.
Овластениот менувач е должен да ја извести Народната банка за престанокот на вршење на менувачките работи, за секое затворање на менувачко место, за отворање ново менувачко место и за промена на адресата на која се наоѓа менувачкото место и да ѝ ги достави соодветните податоци од точката 4 став 1 алинеи 2 и 3 и соодветната документација од точката 4 став 2 алинеи 1, 2, 4, 5, 8 и 9 од оваа одлука, најмалку 5 (пет) работни дена пред да настане промената. Доколку менувачот престане со вршење на менувачките работи, го затвори менувачкото место или направи промена на адресата на која се наоѓа менувачкото место, должен е како прилог кон известувањето да го врати писмениот белег/белези – налепницата/налепниците издаден/издадени за менувачкото место/места.
Овластениот менувач е должен да ја извести Народната банка за промена на податоците за фирмата и седиштето и да ѝ ја достави документацијата од точката 4 став 2 алинеја 1 од оваа Одлука, најдоцна 5 (пет) работни дена по направената промена. Кон известувањето, задолжително се доставува и решението за упис на промената, издадено од Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Овластениот менувач е должен да ја извести Народната банка пред да направи промена на податокот за одговорното лице и да ѝ ја достави соодветната документација од точката 4 став 2 алинеи 1, 7, 8, 9, 10, 11 и 12, како и документацијата од точката 6 доколку станува збор за физичкото лице нерезидент коешто треба да биде одговорно лице на овластениот менувач. Народната банка, во рок од 15 (петнаесет) работни дена од приемот на известувањето и доставената и обезбедената документација го известува овластениот менувач дека може да ја направи промената. Во рок од 5 (пет) работни дена по извршениот упис на соодветната промена во Централниот регистар на Република Северна Македонија, овластениот менувач е должен да ја извести Народната банка и да ѝ ја достави новата документација од точката 4 став 2 алинеја 1 од оваа одлука.
Доколку врз основа на известувањето и доставената и обезбедената документација од ставот 4 на оваа точка се утврди дека лицето коешто треба да биде одговорно лице на овластениот менувач не ги исполнува соодветните услови од точката 3 од оваа одлука, Народната банка го известува овластениот менувач во рок од 15 (петнаесет) работни дена дека е потребно во рок од 30 (триесет) дена да достави известување и документација за ново лице коешто ќе ги исполнува условите од точката 3 од оваа одлука.
Овластениот менувач е должен да ја извести Народната банка и да ѝ ја достави соодветната документација од точката 4 став 2 алинеи 8 и 9 од оваа одлука, за секое ново овластено лице што ќе ги врши менувачките работи на менувачкото место, како и за секој престанок со работа на некое од овластените лица за вршење на менувачките работи на менувачкото место, најмалку 5 (пет) работни дена пред да настане промената. Сите овластени лица може да вршат менувачки работи на секое менувачко место, при што одговорното лице доставува список на овластените лица до Народната банка.
Во зависност од податоците коишто согласно со оваа точка се менуваат и документацијата доставена за нив, како и за престанокот со вршење менувачки работи, Народната банка му издава соодветно решение или известување на овластениот менувач во рок од 15 (петнаесет) работни дена од приемот на комплетното известување.
14. Овластената банка го добива овластувањето за вршење менувачки работи од Народната банка, со дозволата за основање и работење на банката.
15. Овластената банка е должна да ја извести Народната банка за адресата на секое отворено или затворено менувачко место, односно за секоја промена на адресата на менувачкото место, најмалку 5 (пет) работни дена пред да настане промената.
Народната банка ѝ издава писмен белег - налепница на банката од став 1 од оваа точка за секое отворено менувачко место, односно ја повлекува издадената налепница за секое затворено менувачко место.
16. Народната банка води регистар на издадените решенија, којшто содржи:
- број и датум на издаденото решение;
- фирма, седиште, единствен матичен и даночен број на овластениот менувач;
- име на банката доколку овластениот менувач склучил договор со банка;
- адреса на менувачкото место и адреса на банкоматот со функција за менувачко работење;
- број на налепницата;
- име и презиме, матичен број, адреса на живеење/престој на одговорното лице на овластениот менувач и на овластените лица коишто ги вршат менувачките работи кај овластениот менувач и
- адреса на електронското сандаче за прием (е-пошта) на овластениот менувач.
III. НАЧИН НА ВРШЕЊЕ НА МЕНУВАЧКИТЕ РАБОТИ
17. Во вршењето на менувачките работи, овластениот менувач е должен:
- да ја залепи налепницата на видно место во просторијата во која се вршат менувачките работи;
- во просторијата во која се вршат менувачките работи да истакне на видно место известување напишано со големи печатни букви со следнава содржина: „Согласно со точка 17 став 1 алинеја 5 од Одлуката за менувачки работи донесена од Народната банка на Република Северна Македонија, овластениот менувач е должен да издаде потврда за купување/продавање ефективни странски пари и чекови на образецот МТ1 за секоја склучена трансакција“;
- да врши менувачки работи само со физички лица;
- да има истакнато курсна листа на куповни и продажни курсеви на валутите коишто ги купува и ги продава, на видно место и во секое време;
- да изготви „потврда за купување/продавање ефективни странски пари и чекови“ за секое купување/продавање ефективни странски пари и чекови на образецот МТ1 во два примерока, од кои еден задолжително му се дава на физичкото лице, а вториот примерок се чува во сопствената евиденција;
- да го евидентира секое купување/продавање ефективни странски пари и чекови во благајничкиот дневник;
- секојдневно да води благајнички дневник;
- да доставува збирен декаден извештај до Народната банка во рок од два работни дена по истекот на декадата на образецот ИМР1;
- да ги врши менувачките работи на менувачките места за кои е издадена дозвола од Народната банка и коишто се евидентирани во Регистарот на издадените решенија на Народната банка;
- да обезбеди менувачките работи да ги вршат само овластените лица кои се пријавени во Народната банка и евидентирани во Регистарот на издадените решенија на Народната банка;
- да обезбеди да нема разлики помеѓу документите за прометот и фактичката состојба на готовината на благајничкото место;
- да не чува готовина на благајничкото место којашто не потекнува од вршење на менувачките работи.
Овластените лица коишто ги вршат менувачките работи можат на менувачкото место да чуваат своја готовина во денари или странска валута, најмногу во износ од 6.000,00 денари во денарска противвредност по лице (лични средства);
- да ја чува документацијата врз основа на вршење на менувачките работи од последните 3 (три) месеци, во просторијата каде што се вршат менувачките работи;
- при купување ефективни странски пари и чекови од нерезиденти над износот од 10.000,00 евра во денарска противвредност, да побара и да задржи писмена потврда за внесени ефективни странски пари и чекови во Република Северна Македонија, издадена од Царинската управа на Република Северна Македонија, или документ како доказ дека тие се подигнати од сметката отворена кај овластена банка, во оригинал;
- во просторијата за вршење менувачки работи во секое време да има истакнато натпис „менувачница“ на македонски јазик и на еден од следниве јазици: англиски, германски, француски, шпански и италијански;
- во просторијата за вршење на менувачките работи на видно место да го истакне работното време на менувачницата, вклучувајќи го и времето предвидено за пауза и да се придржува до истакнатото работно време.
Овластениот менувач е должен, во однос на мерките и дејствијата за откривање и спречување перење пари и финансирање на тероризмот, да постапува согласно со прописите коишто го регулираат спречувањето перење пари и други приноси од казниво дело и финансирањето на тероризмот.
Овластениот менувач треба веднаш да достави известување до Народната банка за секој прекин во вршењето на менувачкото работење.
За докажување на оправданоста на прекинот во вршењето на менувачкото работење, овластениот менувач приложува соодветна документација. Доколку документацијата што се приложува содржи лични податоци за одговорното лице или овластеното лице, се приложува и писмена изјава од субјектот на личните податоци, со која се изразува неговата согласност за обработка на неговите лични податоци за конкретната цел, заверена од овластено лице (нотар).
Личните податоци од ставот 4 од оваа точка, Народната банка ги чува 1 (една) година од денот на нивнoто доставување.
III-A. ВРШЕЊЕ НА МЕНУВАЧКИТЕ РАБОТИ ПРЕКУ БАНКОМАТ СО ФУНКЦИЈА ЗА МЕНУВАЧКО РАБОТЕЊЕ
18. Овластена банка може да врши менувачки работи и преку банкомат со функција за менувачко работење.
Овластената банка е должна да ја извести Народната банка за секој поставен или отстранет (повлечен) банкомат со функција за менувачко работење, како и за секоја промена на адресата на која се наоѓа банкоматот, најмалку 5 (пет) работни дена пред да настане промената. Во известувањето, банката треба да наведе на кое најблиско менувачко место му припаѓа банкоматот со функција за менувачко работење.
Кон известувањето од став 2 на оваа точка, овластената банка е должна да приложи документ со кој се потврдува дека банкоматот со функција за менувачко работење:
- e во сопственост или под закуп на овластената банка;
- e сертифициран за сите апоени и валути за кои се врши купопродажба на ефективни странски пари;
 - може да препознава фалсификувани банкноти и/или монети; и
- има инсталиран алармен систем и видеонадзор во текот на 24 часа.
19. При вршењето менувачки работи преку банкомат со функција за менувачки работи, овластената банка е должна:
- да обезбеди на екранот на банкоматот со функција за менувачко работење да се појавува писмениот белег
- налепницата издадена од Народната банка за менувачкото место на кое му припаѓа банкоматот;
- да обезбеди задолжително издавање потврда за извршената купопродажба на ефективните странски пари;
- да обезбеди услови купопродажбата на ефективни странски пари да се врши само со физички лица;
- да обезбеди пред секоја купопродажна трансакција на ефективни странски пари, на екранот на банкоматот со функција за менувачко работење да се појавува курсната листа на куповни и продажни курсеви на валутите коишто се купуваат и продаваат;
- да обезбеди пред секоја купопродажна трансакција на ефективни странски пари, на екранот на банкоматот со функција за менувачко работење да се појавува известување за износот кој ќе го добие физичкото лице, како и за евентуалното заокружување на износот до одреден апоен, со можност физичкото лице да ја потврди или да ја одбие трансакцијата; и
- да врши купопродажба на ефективни странски пари само на банкоматите со функција за менувачко работење евидентирани во Регистарот на Народната банка.
Овластената банка е должна да ги внесува трансакциите извршени преку банкоматот со функција за менувачко работење во збирниот декаден извештај, кој се доставува до Народната банка на образецот ИМР1, во рок од два работни дена по истекот на декадата.
Овластената банка е должна при вршење на менувачките работи преку банкомат со функција за менувачко работење да обезбеди почитување на прописите коишто го регулираат спречувањето перење пари и други приноси од казниво дело и финансирањето на тероризмот.
IV. НАДЗОР
20. Народната банка врши надзор на примената на одредбите од Законот за девизното работење и од оваа одлука преку:
- посреден надзор со прибирање, следење и проверка на извештаите и документацијата, коишто овластените менувачи, врз основа на оваа одлука, се должни да ги доставуваат до Народната банка и
- непосреден надзор на вршењето на менувачките работи кај овластениот менувач.
21. Овластениот менувач е должен на овластените лица на Народната банка кои го вршат надзорот да им овозможи непречено вршење на надзорот, увид во целокупното вршење на менувачките работи и на нивно барање, да им ја стави на располагање целокупната потребна документација.
22. Овластените лица на Народната банка, изготвуваат записник за утврдената состојба од извршениот посреден или непосреден надзор. Записникот од извршениот непосреден надзор се изготвува при вршење на надзорот кај овластениот менувач или во просториите на Народната банка.
Записникот кој се изработува при вршење на надзорот кај овластениот менувач ги содржи најмалку следниве елементи:
- место и датум на изработка;
- име и седиште на овластениот менувач;
- адреса на менувачкото место;
- лица коишто го вршат надзорот;
- име и презиме, матичен број, адреса на живеење/престој на овластеното лице за вршење на менувачките работи;
- број и датум на решението на гувернерот врз основа на кое овластениот менувач врши менувачки работи и број на писмениот белег – налепницата издаден за менувачкото место;
- законски прописи во кои е предвиден предметот на надзорот;
- наод од извршениот надзор;
- рок во кој овластениот менувач може да поднесе приговор на записникот;
- одредба дека записникот од извршениот надзор претставува информација која е професионална тајна на Народната банка;
- број на примероци во кои е составен записникот;
- место и датум кога овластеното лице го примило записникот;
- потпис на овластеното лице;
- потпис на лицата коишто го извршиле надзорот.
Во ситуации кога менувачкото место е затворено, иселено, кога е затекнато неовластено лице, кога се работи за оневозможен надзор или надзор извршен на барање на надлежен орган, записникот се изработува во просториите на Народната банка. Овој записник ги содржи следниве битни елементи:
- место и датум на изработка на записникот;
- број и датум на решението на гувернерот врз основа на кое овластениот менувач ги врши менувачките работи;
- лица коишто го вршат надзорот;
- адреса на менувачкото место;
- наод од извршениот надзор;
-рок во кој овластениот менувач може да поднесе приговор на записникот;
- одредба дека записникот од извршениот надзор претставува информација која е професионална тајна на Народната банка;
- број на примероци во кои е составен записникот;
- потпис на лицата коишто го извршиле надзорот.
Записникот од извршениот надзор претставува информација која е професионална тајна на Народната банка и овластениот менувач е должен да ја чува.
Овластениот менувач може да им ја цитира или на друг начин да им ја наведе содржината на записникот на трети лица, само со добиена писмена согласност од Народната банка.
Овластениот менувач има право да поднесе приговор на записникот за спроведениот надзор во рок од 8 (осум) работни дена од денот на приемот на записникот.
Овластените лица на Народната банка се должни да му достават на овластениот менувач одговор на приговорот на записникот во рок од 15 (петнаесет) дена од датумот на приемот на приговорот на записникот, по што и официјално ќе се смета дека надзорот е завршен, а записникот е конечен.
23. Одредбите од точките 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 17 став 1 алинеи 2, 6, 7, 10, 11, 12, 13 и 16 и точките 21 и 22 од оваа одлука не се однесуваат на овластените банки коишто имаат добиено дозвола за основање и работење од гувернерот на Народната банка.
V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
24. Гувернерот на Народната банка донесува упатство за спроведување на оваа одлука.
25. Во врска со барањата за издавање дозволи за вршење на менувачките работи, барањата за измена и дополнување на дозволите за вршење на менувачките работи и барањата за укинување на дозволите за вршење на менувачките работи, поднесени до Народната банка пред влегувањето во сила на оваа одлука ќе се одлучува согласно со одредбите на Одлуката за менувачки работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 127/12, 42/14, 42/16, 184/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 198/21 и 70/22).
Овластените менувачи коишто на денот на влегувањето во сила на оваа одлука имаат добиено дозвола за вршење менувачки работи, освен овластените банки, се должни најдоцна до 30 јуни 2024 година до Народната банка да ги достават податоците од точката 4 став 1 алинеја 2 од оваа одлука, документите од точката 4 став 2 алинеи 1, 7, 8, 9, 10 и 12 (само за одговорното лице на овластениот менувач) од оваа одлука и документите од точката 6 (само за физичкото лице нерезидент кое е одговорно лице на овластениот менувач) од оваа одлука.
26. На денот на влегувањето во сила на оваа одлука, престанува да важи Одлуката за менувачки работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 127/12, 42/14, 42/16, 184/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 198/21 и 70/22).
27. Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
                                                                                   Гувернер
                                                                       и претседавач на Советот
Бр. 02-32963/3                                              на Народната банка на
5 октомври 2023 година                   Република Северна Македонија,
 Скопје                                               д-р Анита Ангеловска-Бежоска, с.р