„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ЗАКОН ЗА МЛАДИНСКИ ДОДАТОК (СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ БР.65 ОД 23.03.2023 ГОДИНА)

24.03.2023

Член 1
Со овој закон се уредува остварување на правото на младински додаток, постапката, условите и висината за исплата на младински додаток на младо лице на возраст до 23 години.
Член 2
Целта на овој закон е поттикнување на младите лица да се вклучат на пазарот на трудот во производствена дејност, а преку финансиската поддршка да се обезбеди вработување на подолг временски период и подобрување на нивната економска положба.
Член 3
Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1) „Младо лице“, во смисла на овој закон, е физичко лице на возраст до 23 години со минимум завршено средно образование, кое по основа на вработување и самовработување во производствена дејност е опфатено со задолжително социјално осигурување во Република Северна Македонија во согласност со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, како и физичко лице на возраст до 23 години со минимум завршено средно образование на кого земјоделската дејност му е единствено занимање и кое остварува приход по основа на вршење земјоделска дејност и е обврзник за пресметка и уплата на придонес/и од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување;
2) „Младински додаток“ е месечен додаток, кој се исплаќа од буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Агенцијата) на трансакциска сметка на младото лице;
3) „Претежна производствена дејност“, во смисла на овој закон, е дејност на работодавачот од класите поврзани со производство во согласност со Националната класификација на дејности Рев.2.
Член 4
Младински додаток може да користи младо лице што ги исполнува следниве услови:
- е опфатено со задолжително социјално осигурување по основа на вработување кај работодавач или самовработување со претежна производствена дејност,
- е вработено во приватна агенција за вработување
и е отстапено на работа кај работадавач со претежна производствена дејност или
- е опфатено во задолжително социјално осигурување како индвивидуален земјоделец.
Член 5
 Младински додаток се исплаќа доколку на младото лице му е исплатена плата и придонеси од задолжително социјално осигурување од работодавачот, односно самовработеното лице во постапка и во рок утврден со закон, освен за индивидуалниот земјоделец, за кого додатокот се исплаќа по извршена уплата на придонес/и од задолжително социјално осигурување согласно со
закон, врз основа на обезбедени податоци од Управата за јавни приходи.
 
Член 6
Листата со класите во кои се содржани производствени дејности од Националната класификација на дејности Рев.2, ја утврдува министерот кој е надлежен за работите од областа на трудот.
Член 7
(1) Младинскиот додаток изнесува 3.000 денари за полно работно време, на кој се плаќа данок на личен доход и се исплаќа еднаш месечно на трансакциската сметка на младото лице, најдоцна до 25-ти во месецот за претходниот/те месец/и.
 (2) Правото на младински додаток младото лице го остварува по поднесено барање во надлежниот центар за вработување, според местото на живеење на младото лице, доколку младото лице ги исполнува условите утврдени со овој закон.
 (3) Агенцијата во постапката по барањето од ставот (2) на овој член, по службена должност, обезбедува податоци за исполнетост на условите од членот 4 од овој закон, врз основа на евиденцијата на регистрирани пријави во задолжително социјално осигурување, која
Агенцијата ја води согласно со закон.
 (4) Податоците за исполнетост на условите од членот 5 од овој закон за исплатената плата на младото лице од работодавачот, Агенцијата ги обезбедува по службена должност од Управата за јавни приходи.
(5) Агенцијата податоците за претежната производна дејност ги обезбедува по службена должност од Централниот регистар на Република Северна Македонија, врз основа на евидентираната приходна (главна) шифра.
 (6) Агенцијата податоците за лицата опфатени во задолжително социјално осигурување како индивидуални земјоделци, ги обезбедува по службена должност од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и/или од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.
 (7) Агенцијата податоците од ставовите (4), (5) и (6) на овој член ги обезбедува збирно за сите поднесени барања, еднаш месечно, пред рокот кој е утврден за исплата во ставот (1) на овој член.
(8) Младинскиот додаток од ставот (1) на овој член се исплаќа до престанокот на задолжителното социјално осигурување по основа на вработување или самовработување, односно престанокот на задолжително социјално осигурување како индивидуален земјоделец, а најмногу до навршени 23 години на младото лице.
 (9) Агенцијата врши проверка на исполнетоста на условите за исплата, по службена должност, преку обезбедените податоци од ставовите (4), (5) и (6) на овој член.
 (10) Формата и содржината на образецот на барањето од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот кој е надлежен за работите од областа на трудот, во согласност со министерот за информатичко општество и администрација.
Член 8
(1) По барањето од членот 7 став (2) од овој закон, надлежниот центар за вработување донесува решение во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето.
 (2) На решението од ставот (1) на овој член може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Член 9
Надзор над примената на овој закон врши Министерството за труд и социјална политика.
Член 10
(1) Подзаконскиот акт, чие што донесување е утврдено со овој закон, ќе се донесе во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
 (2) Листата од членот 6 од овој закон ќе се утврди во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 11

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 31 декември 2025 година.