„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ОДЛУКА ЗА ЗАПОЧНУВАЊЕ НА ПОСТАПКА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ДОГОВОР ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА ЈАВНО ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРОЕКТИРАЊЕ, ФИНАНСИРАЊЕ, ИЗГРАДБА, УПРАВУВАЊЕ И ОДРЖУВАЊЕ НА ТЕХНОЛОШКО ИНДУСТРИСКА РАЗВОЈНА ЗОНА ГЕВГЕЛИЈА

25.05.2023

Врз основа на член 17 став 5 и член 18 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство („Службен весник на Република Македонија" бр.6/12, 144/14, 33/15, 104/15, 215/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.153/19, 261/19, 89/22 и 65/23) и Физибилити студијата за избор на партнер за јавно приватно партнерство ТИРЗ Гевгелија бр.05-783/5 од 23.12.2021 година, Управниот одбор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони на сто триесет и седмата седница одржана преку интернет платформата ЗООМ на ден 5.5.2023 година донесе
О Д Л У К А ЗА ЗАПОЧНУВАЊЕ НА ПОСТАПКА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ДОГОВОР ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА ЈАВНО ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРОЕКТИРАЊЕ, ФИНАНСИРАЊЕ, ИЗГРАДБА, УПРАВУВАЊЕ И ОДРЖУВАЊЕ НА ТЕХНОЛОШКО ИНДУСТРИСКА РАЗВОЈНА ЗОНА ГЕВГЕЛИЈА
 
Член 1
Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони започнува постапка за давање на Технолошко индустриска развојна зона Гевгелија по пат на јавно приватно партнерство на приватен партнер кој ќе ја проектира, финансира, изгради, управува и одржува Технолошко индустриска развојна зона Гевгелија. Доделувањето на Технолошко индустриска развојна зона Гевгелија на приватен партнер произлегува од потребата за привлекување на инвестиции со кои ќе се обезбедат предуслови за локален економски развој на југоисточниот регион на Република Северна Македонија, односно до намалување на бројот на невработени и подигање на животниот стандард на населението.
За таа цел се пристапува кон доделување на Технолошко индустриска развојна зона Гевгелија на приватен партнер по пат на јавно приватно партнерство со што ќе се овозможи ефикасно работење на Технолошко индустриска развојна зона Гевгелија преку финансиски средства обезбедени од страна на приватниот партнер, како и привлекување на инвестиции од негова страна.
Член 2
Цели кои треба да се остварат со доделувањето на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство се:
- економски и социјален развој;
- зголемување на конкурентноста на подрачјето;
- подигање на животниот стандард на населението;
- задржување на работоспособното население на своето подрачје;
- изградба на комунална инфраструктура во зоната;
- привлекување нови инвеститори во зоната;
- намалување на бројот на невработени и
- прикажување на економските ефекти од инвестицијата, потребните трошоци, но и мерливите и немерливите придобивки од таквиот проект и одржливоста на проектот.
Реализацијата на целите ќе придонесе за развој на целокупното стопанство, ќе се зголемат приходите во буџетот на локалната заедница и во државниот буџет, ќе се обезбеди понатамошен развој на образовните институции, зголемување на куповната моќ на населението, поттикнување на развојот на економските активности, зголемување на конкурентноста на целокупната економија како движечка сила на одржливиот локален и регионален економски развој.
Член 3
Предмет на концесијата е избор на приватен партнер со доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство заради проектирање, финансирање, изградба, управување и одржување на Технолошко индустриска развојна зона Гевгелија со површина од вкупно 50,25 ха, на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија кое се наоѓа на КП бр.1474/1, КП бр.1474/35, КП бр.1474/36, КП бр.1474/37, КП бр.1474/38, КП бр.1474/39, КП бр.4736/2, КП бр.957 и КП бр.958, запишани во Имотен лист бр. 1823 за КО Негорци и КП бр.1003/3, КП бр.1003/5, КП бр.1235/13, КП бр.1235/7, КП бр.1249/2, КП бр.1250/4, КП бр.1250/5, КП бр.1250/6, КП бр.1250/7, КП бр.1251/3, КП бр.976/2, КП бр.980/2, КП бр.987, КП бр.988, КП бр.990 и КП бр. 991/3, запишани во Имотен лист бр.710 за КО Прдејци. Приватниот партнер ќе има обврска да проектира и да изгради инфраструктурни, индустриски и други објекти со површина од 270.000 м2 согласно урбанистичките услови и планираните намени во зоната со сопствени финансиски средства, истата да ја одржува и управува, како и да привлекува странски инвестиции со што ќе се обезбедат предуслови за локален економски развој на југоисточниот регион на Република Северна Македонија.
Договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство ќе се додели на понудувачот што ќе успее да ги задоволи условите содржани во тендерската документација и јавниот повик.
Член 4
Постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство ќе се спроведе како конкурентен дијалог, со објавување на оглас, а согласно одредбите предвидени во Законот за јавните набавки (*).
Член 5
Постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство ќе ја спроведе Комисија за спроведување на постапката.
Комисијата ќе ја изготви тендерската документација, вклучувајќи го и јавниот повик во рок од 30 дена од денот на донесувањето на Решението за формирање на Комисијата.
Комисијата ќе го изготви нацртот на договорот најдоцна во рок од седум дена пред испраќањето на поканата за доставување на конечна понуда до учесниците кои учествувале во последниот дел од конкурентниот дијалог.
Постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство ќе биде спроведена во рок од 270 дена од денот на објавувањето на Јавниот повик.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони ќе ја формира Комисијата за спроведување на постапката во рок од седум дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука.
Член 6
Договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство ќе се додели за период од 25 години, при што рокот почнува да тече од датумот на склучување на Договорот.
Најповолниот понудувач ќе основа Друштво за посебна намена со кого ќе биде склучен Договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство.
Член 7
Тендерската документација ќе се издава без надоместок за издавање на тендерска документација.
Член 8
Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, финансирање, изградба, управување и одржување на Технолошко индустриска развојна зона Гевгелија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.132/22).
Член 9
Оваа oдлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се објави по добивањето согласност од Владата на Република Северна Македонија.
 
Бр. 02-780/3                                              Претседател на Управен одбор,
 5 мај 2023 година                                                Виктор Андонов, с.р
Скопје