„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на закон за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка

01.04.2026

 Предлагач се група пратеници.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА Целта на овој Предлог на закон е да се овозможи возачот кој поседува возачка дозвола од Б категорија и поседува потврда за посета на 4 часовна теоретска обука, да има право да управува мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1 и ова право ќе важи исклучиво на територијата на Република Северна Македонија. Со предложеното законско решение се овозможува поголема флексибилност во користењето на полесни моторни возила, особено во урбаните средини каде што сообраќајниот метеж е изразен. Мотоциклите од категоријата „А1“, особено оние со автоматски менувач, претставуваат практично и економично превозно средство кое зафаќа помал простор на патиштата и при паркирање. Предложеното решение ќе овозможи подобрување на протокот на сообраќајот во урбаните средини, особено во услови кога најчесто се јавува појавата „еден човек – едно возило“, поголема мобилност на граѓаните и полесен пристап до работни места, услуги и други активности, особено во урбаните средини. Република Северна Македонија е претежно ридско-планинска земја, со значителен број населени места кои се наоѓаат во ридски и планински подрачја. Во вакви услови, мотоциклите и полесните моторни возила претставуваат практично и ефикасно превозно средство, особено на пократки релации и во места каде пристапот и паркирањето со автомобил е отежнато. Со зголемената употреба на помали моторни возила се очекува намалување на емисиите на штетни гасови и на сообраќајниот метеж. Ова ќе придонесе за подобрување на проточноста на сообраќајот, скратување на времето на задржување на возилата и намалување на загадувањето во урбаните средини. Како резултат на тоа, директно ќе се подобри квалитетот на воздухот. Со предвидената обврска за посетување на кратка теоретска обука се обезбедува основно познавање на специфичностите при управување со мотоцикл, со што се придонесува кон одржување на сообраќајната безбедност.