„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
13.05.2025
Надлежно е Министерство за образование и наука.
Цели на предлог регулативата: Со оглед на сè понагласените предизвици во воспитно-образовниот систем – од потребата за постојано унапредување на квалитетот на наставата, преку дигитализацијата, до зголемените барања за професионален развој на наставниците – се наметнува потребата од значајно реафирмирање на улогата на Бирото за развој на образованието како носечка институција во креирањето, поддршката и следењето на образовните политики.
Предлог-законот има за цел да го модернизира, функционализира и прошири мандатот на Бирото во согласност со европските и националните реформски насоки, при што ќе се овозможи пофлексибилен, ефикасен и резултатски ориентиран систем на стручна и советодавна поддршка за училиштата и наставниците.
Клучните цели на оваа регулатива се:
1. Зајакнување на институционалниот капацитет на Бирото
Да се потврди и унапреди улогата на Бирото како централна стручна и експертска институција во образовниот систем, со проширување на неговите надлежности за следење, евалуација, изработка на наставни материјали, поддршка на реформи и развој на политики базирани на податоци и истражувања.
2. Воспоставување на транспарентен и конкурентен систем за акредитација на програми за професионален развој
Да се креира правна рамка што ќе овозможи акредитација на обуки базирана на јасни, објективни критериуми и проценка на квалитетот, со што ќе се зајакне довербата во системот и ќе се промовира култура на доживотно учење.
3. Отворање на можност за учество на повеќе понудувачи на обуки
Да се воспостави отворен систем во кој повеќе институции, организации или поединци ќе може да понудат обуки за наставниците, под услов да ги исполнуваат стандардите и методолошките барања, со однапред утврдена структура на цени и механизми за контрола на квалитетот.
4. Интеграција на најискусните наставници како даватели на јавни услуги во рамки на Бирото
Да се создаде простор за практична примена на експертизата на наставниците со највисоки звања преку нивно полесно преминување, преку јасен и мерлив систем во структурата на Бирото, особено во неговите подрачни единици.
5. Создавање на поефикасен систем за следење и стручна поддршка
Да се воспостават механизми за систематско следење на реализацијата на наставата, професионалниот развој на кадарот и да се обезбеди навремена и континуирана стручна поддршка – базирана на реалните потреби на училиштата и учениците.