„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Семинар

Дводневна бесплатна обука на тема: ЗАДОЛЖИТЕЛНИ ПРАВИЛА И ПРАВНИ АСПЕКТИ ПРИ ИЗВОЗ

16.09.2024 - 01.10.2024 , Семинар

Стопанска комора на Северна Македонија, сала 1 на 5-ти кат, 09:00 – 16:30 часот

Институтот за извоз при Стопанската комора на Северна Македонија, во рамките на партнерството со УСАИД преку проектната активност „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, кој има цел да поттикне зајакнување на капацитетите на македонските компании за поуспешна регионална соработка и за нивно поврзување во нови партнерства, организира бесплатна обука на темаЗадолжителни правила и правни аспекти при извоз“. Обуката ќе се реалзира во Стопанската комора на Северна Македонија од 30.9 до 01.10.2024 година во сала 1 на 5-ти кат.

 

Целта на обуката е учесниците од компаниите да:    

·        се стекнат со познавања за нетарифните мерки и бариери при извоз и нивно следење (квоти, санитарни и фитосанитарни мерки, примена на технички прописи и стандарди технички бариери за пристап кон пазарот, субвенции и компензаторни давачки, антидампинг, заштитни мерки и други технички бариери на трговијата);

·        се стекнат со знаење за ИНКОТЕРМС правилата и да  ги  познаваат и разликуваат специфичностите на одделните видови меѓународен транспорт на стоките, како и на осигурувањето на стоките во меѓународниот транспорт;

·        го разберат значењето на потребата од заштитата на правата од интелектуална и индустриска сопственост;

·        се согледа компатибилноста на домашното трговско право со меѓународното трговско право и примената на правилата и процедурите на Светската трговска организација (СТО);

·        стекнат основни познавања за начините на склучување на меѓународни бизнис договори;

·        го разберат значењето на регулативата во меѓународната трговија, за меѓународна продажба на стоки, како и да го разберат значењето на регулативата на Европската унија која е релевантна за надворено-трговското работење;

·        се запознаат со значењето на потрошувачкото право.

 
 

Целна група: обуката е наменета за претставници од компании постоечки извозници кои сакаат да го унапредат своето работење и да го прошират опсегот на земји/пазари на кои ги пласираат своите производи или да го потврдат своето знаење во делот на извозните активности, низ призмата на искуството на експерти и практичари од областа.    

ПРОГРАМА

1.     Нетарифни мерки и мерки на трговска политика

2.     ИНКОТЕРМС клаузули (INCOTERMS 2020)

3.     Запознавање со права на интелектуална и индустриска сопственост

4.     Склучување на меѓународни бизнис договори

5.     Потрошувачко право
 
Тренери/Предавачи
 

Стојче Василев, дипломиран правник и консултант за царински формалности. Моментално е ангажиран на Проект на Светска банка за олеснување на транспорт и трговија на Западен Балкан, во компонента за Едношалтерски систем - National Single Window и компонента на ЦЕФТА ДП5 и ДП6 за Овластен економски оператор и Преносливост на социјалните права и отстранување на дозволите за работа. Поседува повеќе од 30 годишно искуство стекнато со ангажмани во Царинската управа и во шпедитерски компании, Фершпед, Соаре, Боми 10 Логистик како раководител на царински и логистички сектори. Преку семејната компанија Бивест, вклучен е во едукација на царински застапници за завршување на испит за царинско застапување во Царинска управа и во проекти за дуално образование и едукација за вработување на ученици и студенти.

Карло Змајшек, поседува повеќе од 30 годишно искуство во делот на шпедитерското работење. Член е на МИФА (Македонската асоцијација на мегународни шпедитери и логистички оператори) од нејзиното основање во 1993 година. Во рамките на разни проекти и унапредување на знаењата има одржано повеќе од 200 интерактивни обуки од надворешно трговското работење, најмногу за Инкотермс. Автор е на книгата „Практичен прирачник за правилата ИНКОТЕРМС 2010“. Долгогодишен член на комисијата за полагање за лиценци за царинските посредици во Царинска управа. Исто е и обучувач во програмата за обука на царинските застапници. Активен директен учесник во секојдневните шпедитерските активности и предизвици во Макпетрол А.Д. каде во моментов работи во Секторот за транспортна логистика.

 

Проф. д-р Ѓорѓи Филипов, основач на Берин и претседател на Управното тело. Д-р Филипов е професор на Факултетот за информациски науки и компјутерско инжинерство при УКИМ, тој е редовен член на Европската академија за науки и уметности (EASA) со седиште во Салцбург, како и македонски и европски патентен застапник и прв директор на Државниот завод за индустриска сопственост на Македонија. Основач е на Агенцијата за интелектуална сопственост Берин доо Скопје, (1992) и директор на Berin International GmbH -IP Consulting“ Vienna, (2014). Од 2010 – 2014 бил вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Виена и амбасадор на Македонија во Словачка и Јапонија, а од 2005 до 2010, бил амбасадор во Берлин, Германија. Во 2008, тој беше кандидат на Република Македонија за Генерален директор на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO), во Женева, Швајцарија. Д-р Филипов е Претседател на Советот на амбасадори на МК, а од 2019 до 2022 беше ко-претседавач и координатор на МК делот од Меѓународната група на експерти за трговските марки и комерцијални имиња, формирана според Чл.1.3.ж од Спогодбата од Преспа.

 

Проф. д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска од 2023 година е судија во Уставниот суд. Арбитер е во Постојаниот суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија и арбитер во Постојаниот суд – Арбитража при Стопанската комора на Хрватска. Учествувала во изведувањето на наставата на повеќе предметни програми на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, и тоа: облигационо право, договорно право, договори на автономната трговска практика, право на интелектуална сопственост, право на индустриска сопственост, авторско право, како и основи на правото за проектни менаџери на постдипломските студии по проектен менаџмент на Факултетот за електротехника и информациски технологии и основи на правото на интелектуална сопственост на Машинскиот факултет. Автор е на повеќе универзитетски учебници, монографии и прирачници, како и на повеќе од 100 стручни и научни трудови од областа на приватното право.

 
Институтот за извоз претставува професионална, услужна алатка за поддршка на извозно ориентираните компании, која за потребите на компаниите нуди обуки и работилници за развивање на кадровските капацитети, со знаења и вештини потребни за реализација на извозните активности. Институтот, во рамките на своето дејствување, за потребите на компаниите изготвува анализи и истражувања со податоци за извозната конкурентност на таргетираните странски пазари, податоци за царинската и за даночната политика, нецарински бариери и сл.          


Обуката ќе биде во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија, сала 1 на 5-ти кат.

Тренерите на обуката ќе користат повеќе методи за пренсување на информациите (предавање, интерактивност, практични вежби), со што ќе ја зголемат продуктивноста во пренсувањето на информациите и во успешното добивање знаења и лични перформанси кај учесниците.

Секој учесник добива електронски работен материјал и сертификат за присуство од Стопанската комора на Северна Македонија, а за време на обуката закуска, кафе и освежување на паузите.   

Пријавувањето за обуката е со доставена пријава од вас на електронската адреса на Стопанската комора најдоцна до 25 септември (среда) 2024 година. 

Бројот на учесници по компанија е ограничен на 1 лице.

Работен јазик и материјали: македонски јазик.


Контакт лица:

·        м-р Елизабета Андриевска-Ефтимова,          

телефон: 070 239 637              

beti@mchamber.mk