„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Високото образование треба да стане синоним на реални и употребливи знаења и вештини на дипломираните студенти кои што ќе се мерат со брзо вработување на студентите по нивното дипломирање. Но свесни сме дека високото образование тешко се прилагодува на новите промени, а неговата тромавост во предвидувањето на долг рок и живеењето во еден затворен круг не му даваат можност да го следи чекорот со бизнисот кој е динамичен, кога станува збор за подготовката на кадар со високообразовни квалификации кои имаат солидно академско знаење, но немаат никакви стручни вештини и практично искуство што се потребни за работното место. Тоа го потврдува и најновата анализа што ја изработи Стопанската комора на Северна Македонија, во која 68% од работодавачите се изјаснија дека постои неусогласеност на понудата и побарувачката за апликативни вештини и компетенции на дипломираните студенти. Со цел, продукција на умови во согласност со потребите на бизнисот и создавање услови тие умови да се задржат во земјава и да се искористи нивниот потенцијал, потребни се промени во високото образование кои треба да бидат внесени во новиот предлог Закон за високо образование, истакна м-р Наташа Јаневска, советник за образование во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија на ТВ Телма.
Таа потенцираше дека Стопанската комора на Северна Македонија, како докажан и клучен партнер во јавно-приватниот дијалог во државата, и како застапник на интересите на бизнис-заедницата, која е краен апсорбер на кадарот кој излегува од високото образование, активно учествуваше во процесите на изработка на предлог-текстот на новиот Закон за високото образование со фокус на зајакнување на соработката на бизнис-заедницата во дизајнирањето на студиските програми и вклучувањето на практичната настава на студентите на реално работно место.
Дизајнирањето студиски програми со учество на претставници од бизнис-заедницата овозможува јасно да ги изнесат своите потреби за вештини и компетенции кои треба да ги поседуваат студентите за нивно полесно вработување и намалување на јазот на понудата и побарувачката на вештини. Дополнително, вклучувањето и системското уредување на реализацијата на практичната настава во студиските програми, овозможува стекнување практични и стручни вештини кај студентите, но и развој на меките вештини (решавање проблеми, тимска работа, лидерство, критичко размислување). Со ваквиот пристап за практичната настава, нејзината реализацијата станува задолжителна, а студентите сериозно ќе пристапат кон нејзина реализација.
Целото интервју од гостувањето м-р Наташа Јаневска, советник за образование во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија.