„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија, Стопанската комора организираше работилница за деловната заедница, посветена на практичните аспекти и предизвиците од примената на СЕПА-плаќањата.
Целта на настанот беше компаниите одблизу да се запознаат со новите услови и начинот на извршување на прекуграничните плаќања во евра, како и со конкретните придобивки од членството на земјата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Ова е прва ваква работилница наменета исклучиво за бизнис-секторот, на која присуствуваа повеќе од 60 компании, претежно од извозно-увозниот сектор. За овие компании, СЕПА има особено значење, имајќи предвид дека најголемиот дел од надворешната трговија и финансиските трансакции се реализираат со земјите од СЕПА-зоната.
Работилницата е дел од континуираните активности на Стопанската комора за информирање и поддршка на компаниите во процесот на прилагодување кон новите европски стандарди во платниот промет, по оперативното приклучување на домашните банки кон СЕПА. Покрај презентацијата на практичните аспекти на СЕПА-плаќањата, настанот овозможи и отворена дискусија со компаниите, размена на искуства и идентификување на конкретните предизвици со кои тие се соочуваат во секојдневното работење.
Во рамки на дискусијата беше истакнато дека СЕПА овозможува побрзи, поевтини и потранспарентни плаќања во евра, со предвидливи трошоци и поедноставени процедури. Со СЕПА-плаќањата, компаниите остваруваат и до 8 пати пониски надоместоци за одливни плаќања, како и 3 пати пониски надоместоци за приливи на износ од 20.000 евра, во споредба со досегашните SWIFT/кореспондентни трансфери. Ова претставува значителна заштеда за компаниите што редовно тргуваат со земјите од Европската Унија, како Германија, Италија, Австрија, Грција и други, и директно придонесува за подобро управување со ликвидноста и зголемување на нивната конкурентност на меѓународните пазари.