„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис клуб

Александар Манев во „Бизнис-клуб“: „Нема помоќна институција од Комората, која обединува успешни луѓе, лидери и креатори на мислења“

05.12.2025

| Бизнис клуб

 „Стопанската комора е збир на најуспешните луѓе на едно место, кои ги обединува претседателот на Комората, кој дава визија за понатаму. Комората е институција која е тука кога најмногу ти треба, која има јасна визија за развојот на економијата и која креира политики, што им овозможува на луѓето да направат круг од успешни деловни луѓе на сите полиња“, изјави м-р Александар Манев, член на УО на Стопанската комора и главен извршен директор на „Кроација осигурување“ АД, друштво за неживотно осигурување Скопје, во најновото издание на „Бизнис-клуб“ со претседателот на Комората Бранко Азески.

Тој истакна дека нема помоќна институција од Комората, која обединува толку многу успешни луѓе, лидери и креатори на мислења. Голем дел од нив во телата на Комората работат на струките во кои се образувале и се развивале низ годините, што, според Манев, е клуч за успех.

Зборувајќи за економската ситуација во земјава, Манев оцени дека е предизвикувачка, но и перспективна и дека доколку повеќе се следат заклучоците што ги носи Управниот одбор на Комората, нема место за загриженост. Манев е оптимист и верува во кадарот на Стопанската комора, односно верува дека за некои 5 години ќе може да се постават темели за здрава економија.

Според него, Комората прецизно ги дефинирала трите клучни приоритети во своето работење:

1.     образованието како столб на секоја држава – без добро едуциран кадар земјата нема иднина;

2.     развојот на здрави и извозно ориентирани компании зашто без извоз нема економски раст;

3.     регионалната соработка како предуслов за конкурентност.

Манев нагласи дека домашните компании мора јасно да ги искажуваат своите потреби, предлози и идеи преку Комората, зашто основата за развој на државата е токму бизнисот.

„Ако креаторите на политики се однесуваат покорпоративно, многу полесно би се справувале со големиот број предизвици“, додаде тој. Како проблем ги посочи и неефикасноста на јавната администрација и фактот што одредени приоритети често не се третираат со потребното внимание.

На прашањето дали субвенциите придонесуваат за развој, Манев истакнува дека нивниот ефект нема во целост да се знае сè додека не постои:

-        јасен мерит-систем;

-        анализа на процесот – колку и како се дава;

-        мерливи резултати (што е направено, дали компанијата вовела нови форми на работа, дали и колку е зголемен извозот).

Разговарајќи за алтернативните  форми на финансирање на компаниите, Манев оцени дека сè уште сме заробени во традиционалните методи и дека недостигаат транспарентност, промоција и успешни приказни, кои би ја поттикнале нивната примена. Поради својот оптимистички дух, верува дека младите во најскоро време ќе го променат тоа.

Во продолжение на разговорот акцентот беше ставен врз осигурувањето. Манев нагласи дека во осигурителниот бизнис клучно е поставувањето и управувањето со ризиците.

„Не е важно да се биде прв, туку да се биде профитабилен, затоа што резултатот не се знае до последниот ден од календарската година“, изјави тој.

Минатата година компанијата исплатила 9 милиони евра штета, од кои најголемата имотна штета – околу 4 милиони евра – била исплатена во рок пократок од 1 година. Според Манев, најважно е да се одржува фер и коректен однос со сите клиенти.

М-р Манев се осврна и на проблемите во секторот осигурување кои често ги дискутираат во Здружението во рамките на Комората. Како најголеми предизвици ги истакна инфлацијата и зголемените трошоци за производи и услуги, додека, пак, цените на осигурувањето остануваат непроменети.