„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Единството на бизнисот е клучен фактор за опстанок

04.12.2025

| Актуелно

Македонско-српски деловен форум во Скопје

 Добредојдовте во Македонија, земја која ветува многу можности за инвестиции од кои, домашните компании но и деловниот сектор во целост, имаат повеќекратни придобивки, преку воведување нови технологии, нови знаења, можности за поголем извоз, вака претседателот на Стопанска комора Бранко Азески ги поздрави учесниците на македонско-српскиот деловен форум во организација на владите од двете земји. Како што рече форумот собрал на едно место компании со голем капитал што е нов правец во деловните односи. Важноста од соработката на двете земји ја гледа преку фактот што Србија претставува мотор на Балканот кој во бизнисот придвижува нови вредности и иницијативи, а Македонија е транзитниот центар. Двете заедно претставуваат моќна целина во развој на регионот.        

Она што е клучно од организацијата на овој Форум е фактот дека организатори се Владите на двете земји, што покажува интерес на политиките за следење на бизнисот кој со децении меѓусебно се поддржува и развива.

Азески стави акцент на како што рече нужноста од креирање политика во која ќе се предвиди раст на БДП помеѓу 4 и 6 проценти во следните минимум три години, за да се видат економските бенефити за државата. Но за економски раст и развој потебно е решавање на прашањата за кои Комората говори 15 години:

-        Корупцијата која е на исклучително високо ниво;

-        гасификацијата која сега поради користење мали количини на гас е скап енергенс и ја прави конкурентна македонската економија;

-        потребата од владина поддршка на извозот како алфа и омега за развој на економијата во услови кога државата како нашата е извозно ориентирана.

За бизнисот е од исклучително значење политиките во образованието да креираат кадар за потребите на бизнисот. Регионалната соработка да се развива и да се работи на отстранување на бариерите. 

Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија, им се заблагодари на бизнис заедницата, како и на раководствата на двете земји, за нивната поддршка за економската соработка. Потсети дека српските бизниси, од големи системи до мали компании, веќе успешно соработуваат со македонски партнери, но дека целта е да се поттикнат нови партнерства. Имајќи го ова предвид, беше подготвен и презентиран „Водич за водење бизнис во Северна Македонија“, со сите клучни информации за овој пазар, рече Чадеж и посочи дека постои задоволство бидејќи бројот на заеднички инвестиции расте - ова е најдобар доказ дека заедно ја зајакнуваме и регионалната економија. Додаде дека двете економии можат заеднички да дејствуваат на трети пазари, особено во Африка, и дека е потребно да се продолжат активностите за олеснување на трговијата, поедноставување на процедурите и спроведување на инфраструктурни проекти.

Зајакнување на економските врски меѓу Србија и Северна Македонија, соработка меѓу компаниите во сите сектори на економијата, од земјоделство до ИТ и дигитализација, раст во размена кон две милијарди евра, нови инвестиции и заедничко присуство на трети пазари се клучот за идниот развој и успех на двете економии, но и на регионот на Западен Балкан, беше пораката на Бизнис форумот Србија-Северна Македонија, кој во Скопје собра повеќе од 450 учесници, бизнисмени од речиси 250 компании, претставници на владите на двете земји, институции и деловни здруженија.

Во рамки на форумот беа организирани и одржани повеќе од 150 билатерални средби на бизнисмени, кои меѓусебно разговараа за конкретни деловни прашања, во насока подобрување на постојните и можност да се отворат нови бизнис односи, како и да се дефинираат идните насоки на соработка.

Бизнис форумот го поздравија и вицепремиерот на Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ и Адријана Месаровиќ, вицепремиерка на Србија и министерка за економија.