„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
21.11.2025
Амбасадорот на Аргентинската Република, Н.Е. Алехандро Зотнер Мејер, акредитиран во Северна Македонија со седиште во Софија, престојуваше во работна посета на Стопанската комора на Северна Македонија, каде што оствари средба со потпретседателката на Комората, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, која е и советник на претседателот за инфраструктура и економски развој.
На средбата се разговараше за унапредување на економската соработка меѓу двете земји и за можностите за поттикнување на деловните контакти помеѓу компаниите од Северна Македонија и Аргентина. Посебен акцент беше ставен на трговската размена и инвестициите, како и на потенцијалните области за заеднички проекти, меѓу кои агроиндустријата, прехранбената индустрија, енергетиката и туризмот.
Амбасадорот Зотнер Мејер ја истакна подготвеноста на Аргентина за приближување кон македонскиот пазар и подлабоко вмрежување со деловната заедница, нагласувајќи дека постојат реални можности за зголемување на извозот и увозот, како и за заеднички инвестиции.

Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска ја потенцираше улогата на Комората во олеснувањето на комуникацијата меѓу компаниите, како и можноста за организирање на деловни форуми и презентации на компании со цел подобро запознавање со пазарните потенцијали. Потпретседателката ја пренесе и подготвеноста на Комората да обезбеди поддршка за секоја иницијатива што ќе придонесе за развој на билатералната економска соработка. На состанокот беа понудени и конкретни чекори што ќе ги поддржат и охрабрат компаниите од двете земји да иницираат нови партнерства и заеднички проекти.
На средбата заеднички се констатираше дека нашите пријателски земји имаат потенцијал за многу поголема соработка од досегашната и дека постои можност не само за поголема размена на стоки, туку и за размена на знаења и на ресурси.