„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Швајцарија и Северна Македонија ги зајакнуваат економските врски: Нови можности за инвестиции и партнерства

12.11.2025

Под мотото „Поврзување на Швајцарија и Северна Македонија: Деловен раст и партнерства“, во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа деловен форум посветен на унапредување на трговијата, инвестициите и економската соработка меѓу двете земји. Настанот беше заеднички организиран од Стопанската комора на Северна Македонија и Стопанската комора на Швајцарија и Средна Европа (SEC), со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во Скопје.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, кој непосредно пред отворањето на форумот имаше работна средба со новиот амбасадор на Швајцарија во земјата, Н.Е. Кристоф Зомер, во изјава за медиумите нагласи дека овој настан е чекор напред во продлабочување на бизнис-соработката меѓу двете земји.

„Имаме од кого да учиме, а соработката со Швајцарија е пример токму во тој правец – во едукацијата на нашите компании и нивно вклучување во новите технолошки текови. Ќе настојуваме да ја вклучиме и македонската заедница што е присутна во Швајцарија и преку нивни форми на организирање да го подигнеме степенот на размена, кој моментално изнесува околу 200 милиони долари. Нашата цел е да го зголемиме извозот и да создадеме услови за нови партнерства и инвестиции,“ изјави Азески.

Настанот го одбележа и првото јавно обраќање на амбасадорот Зомер. Во своето излагање, тој ја истакна долгогодишната успешна соработка меѓу двете држави и потенцира дека постојат јасни можности за нејзино дополнително продлабочување.

„Компаниите денес бараат стабилни и доверливи партнери. Нашите две земји ги нудат токму тие вредности. Швајцарија е подготвена да ја поддржи оваа поблиска соработка – да помогне потенцијалот да се претвори во конкретни партнерства и просперитет за граѓаните,“ изјави амбасадорот.

На форумот обраќање имаше и Оливер Бертшингер, претседател и извршен директор на Стопанска комора на Швајцарија и Средна Европа – SEC.

Настанот собра компании од Македонија и од Швајцарија. Се дискутираше за пазарните изгледи, можностите за влез на швајцарскиот пазар, правните аспекти на деловната соработка, како и потенцијалот за заеднички инвестиции, технолошка соработка и извозни иницијативи.