„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од асоцијациите

Осигурувањето ја прави иднината малку поизвесна

10.04.2025

Во рамки на Глобална недела на парите која оваа година е со мотото “Размисли пред да ,заследиш’ за безбедност на твоите пари во иднина“, претседателката на Асоцијацијата на осигурително брокерски друштва при Стопанската комора на Македонија, Оливера Клинчарова, гостуваше во емисијата Аргумент плус на ТВ 24. Во своето излагање, Клинчарова се осврна на повеќе значајни теми како што се улогата и значењето на осигурителните брокерски друштва, важноста на овој дистрибутивен канал, соработката со осигурителните друштва, развојот на осигурителниот пазар, светските трендови, значењето на финансиската едукација на клиентите, потребата од зголемена безбедноста при финансиските трансакции и заштита на корисниците на финансиски услуги. 

Работењето на осигурителните брокерски друштва во Македонија се овозможи во 2002 година со донесување на Законот за супервизија на осигурувањето. Од тогаш наваму нивната улога и значење во осигурувањето се повеќе расте. Најголем број од регистрираните осигурителни брокерски друштва во Македонија членуваат во Асоцијацијата на осигурителните брокерски друштва при Стопанската комора, која е формирана во 2011 година. Една од целите на Асоцијацијата е зголемување на свесноста во јавноста за осигурителните брокерски друштва и развој на осигурителниот пазар во Македонија. 

Обврските на осигурителниот брокер се дефинирани со закон. За осигуренците (правните и физичките лица, како и државните институции) осигурителните брокерски друштва даваат бесплатни консултации, анализа на ризикот, влијаат за поголема информираност на клиентите за што се нуди на пазарот и ги водат низ процесот на надомест на штета. Особено улогата на осигурителниот брокер доаѓа до израз при незадолжителните осигурувања и тоа домаќинското осигурување, каско осигурувањето, долгорочните осигурувања како што е животното осигурување или осигурувањата со инвестициски ризик. 

Клинчарова ја потенцираше важноста на осигурувањето за континуитет на бизнисот, потребата да се воспостават нови производи на пазарот и тоа осигурување од лекарска грешка, од сајбер ризците, како и заштита на личните податоци.