„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
05.12.2024
Претставници на 25 компании, членки на Стопанската комора, денеска имаа можност директно да разговараат и да интервјуираат околу 130 невработени лица од ранливите категории граѓани и од малцинските заедници за време на Саемот за вработување.
Недостигот од работна сила и натаму останува еден од клучните предизвици со кои се соочува македонската економија, а како главна причина се посочува неусогласеноста на понудата и побарувачката и недоволното практично искуство кај лицата кои бараат работа. Проблемот дополнително се зајакнува со интензивниот процес на флуктуација и иселување на кадарот во други земји.
Во отсуство на стратегија за задржување на кадарот во нашата земја, поголемиот дел од компаниите сами започнаа да го балансираа овој проблем преку увоз на работници од трети земји, но овој процес не ги даде очекуваните резултати бидејќи за странските работници Македонија претставува само транзитна дестинација до европските земји.
Во таа насока, Стопанската комора на Северна Македонија нуди соодветни решенија за ублажување на проблемот преку процесот на формално образование, со конкретните активности што ги презеде за воведување на дуалното образование, кое претставува најефикасен начин за обезбедување стручен кадар, и преку неформалното образование, со процесите на преквалификација и доквалификација на кадарот според потребите на бизнис-заедницата.
Но, Комората нуди и алтернативни решенија со организирање на Саемот за вработување за на ваков начин да се амортизира овој проблем преку ангажирање кадар од домашниот пазар на трудот на лица кои сè уште не се активно вклучени на пазарот на трудот, а кои би можеле да бидат ангажирани од компаниите.
„Недостигот од работна сила е еден од клучните проблеми со кои се соочуваат компаниите, поради што трпи и целата македонска економија. Увозот на работна сила во земјава не се покажа како најдобро решение. Саемот за вработување претставува можност компаниите дирекно да разговараат и да ги интервјуираат невработените лица кои учествуваат на Саемот, кои, доколку ги исполнуваат услови на компаниите, можат да се вработат или да бидат ставени во плановите на компаниите за идни вработувања. На ваков начин, освен пополнување на работните места, се отвора перспектива и за идни инвестиции бидејќи компаниите ќе имаат информации со каков кадар располага пазарот на трудот“, истакна Наташа Јаневска, претседател на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и на обуките при Стопанската комора.
На Саемот свое обраќање имаше и Џери Дајбл, претставник на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија, која истакна дека како организација се посветени на инклузивноста, со што се зајакнуваат демократијата, човековите права и економскиот раст. Преку нивните програми се вработиле 420 Роми во приватни компании, а „Леар корпорејшн“, членка на Стопанската комора, е една од нив. Според неа, соработката на сите чинители е клучна за напредок.
Извршниот директор на „Ромалитико“, Елвис Шаќири, истакна дека ги охрабрува сите баратели на работа кои денеска се присутни на Саемот да пристапат со доверба, да ги споделат своите приказни и да ги истражат огромните можности достапни на Саемот.
„Сметам дека е ова една уникатна можност со која барателите на работа можат во еден ден да имаат пристап до 25 фирми. Ги повикувам претставниците на компаниите да го прифатат потенцијалот пред себе, што може значително да ги подобри нивните тимови и да ги поттикне нивните цели напред“, порача Шаќири.
Саемот се реализира во соработка со невладината организација „Ромалитико“ и со поддршка на Канцеларијата на УСАИД во Македонија.