„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Соработката со „Бехтел ЕНКА“ продолжува со презентации во Прилеп и во Битола за тендерските процеси и за зајакнување на учеството во локалниот синџир на снабдување

25.11.2024

Како дел од континуираните активности за унапредување на локалниот синџир на снабдување на проектот за автопатиштата од Коридорите 8 и 10д, претставници на Конзорциумот „Бехтел ЕНКА“ ја презентираа платформата за соработка пред вработените во регионалните канцеларии на Стопанската комора на Северна Македонија во Прилеп и во Битола. Овие состаноци имаат цел подобро да ги објаснат водечките принципи на тендерскиот процес на „Бехтел ЕНКА“ за зајакнување на учеството на локалните компании во проектот за изградба на автопатишта, што до денес, според информациите на „Бехтел ЕНКА“, кулминира со приближно 90 % домашни компании од подизведувачите и со 65 % од добавувачите. Во рамките на соработката со Стопанската комора, оваа иницијатива е насочена кон транспарентна соработка и кон поблиско запознавање на компаниите членки на Комората заради појаснување на процесите за соработка при реализација на работните активности за изградба на посочените коридори, со вкупна должина од 111 километри. Објаснувањето на тендерскиот процес се однесува на работи, услуги и на стоки.

За време на состанокот беа дискутирани две клучни теми:
  •  Промоција на домашните компании: Стопанската комора и нејзините членки и претставниците на „Бехтел ЕНКА“ се согласија и нагласија дека интеграцијата на локалните ресурси и експертиза е од голема важност за успешно завршување на проектот.
  • Процеси на соработка: постапки за учество на домашните компании во тендерските постапки и процеси на набавки.

Се разговараше за процедурите за подобрување на комуникациите и на транспарентноста во рамките на овие процеси, како и за надминување на потенцијалните бариери.

Конзорциумот „Бехтел ЕНКА“ преку оваа и преку големиот број средби со претставници на Стопанската комора ја потврдува својата намера да работи партнерски со домашните компании, но и да даде поддршка и појаснување во процесите на учество и на соработка. Од „Бехтел ЕНКА“ објаснија дека со завршувањето на поголема експропријација ќе има повеќе работни фронтови и повеќе можности за домашните компании. Претставниците на Конзорциумот истакнаа дека се посветени на создавањето услови за ефектно вклучување на домашните компании, со што ќе се овозможи поттик за локалната економија.

Комората ја поздравува заложбата на Конзорциумот „Бехтел ЕНКА“, која ќе значи креирање простор за работа и зголемено учество на домашните компании, кое, пак, неизбежно ќе доведе до значителна економска придобивка.  
Во следниот период Стопанската комора на Северна Македонија заедно со „Бехтел ЕНКА“ ќе продолжи со организирање работни состаноци и презентации во регионалните канцеларии на Комората во Штип, Кавадарци и во Кичево. Овие активности ќе овозможат пошироко вклучување на локалните компании во изведбата на овој проект од национална и стратегиска важност.
 
За повеќе информации заинтересираните компании можат да се обратат на следните електронски адреси:

-        за општи информации: info@beuk.mk

-        за информации поврзани со набавки: procurement@beuk.mk

-        за информации за подизведувачи: subcontracts@beuk.mk