„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

БИЗНИСОТ И НАУЧНАТА ФЕЛА СО ПОВИК

НЕМА ОДЛОЖУВАЊЕ – ПРИМЕНАТА НА ЕВРОКОДОВИТЕ ЗАПОЧНУВА ОД 1 СЕПТЕМВРИ 2024 ГОДИНА

18.06.2024

По неколкугодишна едукација за воведување на еврокодовите во градежништвото, сите институции се подготвени за нивна примена, а инженерите ги имаат сите услови за да се доедуцираат и за да почнат да работат во согласност со новите нормативи.

Нашите градежни компании се подготвени од 1 септември да проектираме, а со тоа и да градиме според европските норми, оцени денеска Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора.
 Серафимовски со повик до компаниите на своите вработени да им укажат на важноста од примена на еврокодовите, за да фатат чекор со европските норми, со што ќе ја зголемат конкурентноста на градежниците и на тој начин ќе обезбедат опстанок на фелата во иднина.
„Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалилите при Стопанската комора го сочинуваат 7 % од градежните компании, а во него генерираат компании од сите области во секторот. Секоја од нив, во одреден сегмент од дејствувањето, ја засега примената на проектирање со еврокодови. Според податоците од Државниот завод за статистика, во моментов учествуваме со 5,5 % во вкупниот БДП, што не претставува нашиот максимум досега. Бројот на вработени во последните пет години поразително достигна под 50.000. Нашата мисија е подобрување на бизнис-климата преку целосно интегрирање на градежните компании во следењето и во примената на стандардите, како и преку учество во проектирањето, изведбата и во надзорот над домашните капитални инвестиции заради подобар раст и развој на градежните компании, воедно и промоција како на домашниот така и на странскиот пазар. Токму затоа го организиравме денешниот состанок, на кој заеднички, градежниот сектор и научната фела, секој во своето дејствување, ќе овозможи заеднички да го поминеме и овој предизвик“, информираше претседателот на Здружението Андреа Серафимовски.
 
Комората на овластени инженери и овластени архитекти целосно ја презема обврската да подготви и да организира стручни обуки за примена на еврокодовите. Овие обуки се започнати уште во 2023 година веднаш по донесувањето на регулативата и ќе траат се додека има интерес од членството. Од вкупно 1125 активни градежни инженери во Комората, обуките целосно ги посетиле само 237. Во таа насока, м-р Кристинка Чулак, претседател на Комората на ОИОА, информираше дека освен во Скопје, градежните инженери обуките може да ги посетат и во дисперзираните центри на Комората во Штип и во Битола. 
Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Горан Марковски, на работниот состанок посочи дека речиси целиот свој работен век им го посветил на воведувањето и на примената на еврокодовите. Најголем предизвик било да ги потикне најмладите, оние кои треба да бидат најголеми иницијатори, да ги убеди да не бидат најголеми опструктори. Како што посочи, „човек може да научи да вози точак исклучиво ако тоа го направи практично, доколку слуша само теоретски, ќе го обзема само стравот од непознатото. Жалам, но мора да споделам дека останаа само 2 до 3 држави кои не ги применуваат еврокодовите, а ним им се приклучуваме и ние. Потребно е да разбереме дека со оваа генерација Z не можеме да раководиме како со претходните, неопходно е да најдеме начин да ги привлечеме и да ги убедиме првично да го одберат градежништвото како идна професија и да се заложат за негово подобрување и развој”. Воведувањето на еврокодовите води кон посигурни и потрајни објекти, но и кон софистицирани и поупотребливи материјали. 
д-р Соња Черапналковска, раководител на Секторот за стандардизација и одговорна за целокупниот процес за стандардизација, со акцент врз градежништвото, при ИСРСМ, заедно со проф. д-р Јосиф Јосифовски, редовен прфесор на Граджениот факултет и, наедно, претседател на техничкиот комитет ИСРСМ ТК40 – еврокодови, со заеднички став и повик до сите инженери и градежни компании дека се јавно достапни и преведени на македонски јазик сите 59 стандарди.
 
Во 2007 г. се формираше Техничкиот комитет; во 2010 г. веќе беа усвоени стандардите од еврокодовите; во 2020 г. беа усвоени националните анекси на еврокодовите, со нивна примена од 2023 година и со поминати 17 години од започнувањето на целиот процес, па затоа сметаме дека е крајно време и дека сме полнолетни и стручни за да се приклучиме кон европскиот пазар.