„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ИДНАТА ВЛАДА ТРЕБА ДА СЕ ПОСВЕТИ НА ПРАШАЊЕТО ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА НА ИЗВОЗНИОТ СЕКТОР И ПРОМОЦИЈА НА ДОМАШНИТЕ ИЗВОЗНИ КОМПАНИИ

27.04.2024

Претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија проф. д-р Дарко Лазаров во гостување на „Блумберг Адрија ТВ“

Претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија проф. д-р Дарко Лазаров во гостувањето на „Блумберг Адрија ТВ“, посочи дека македонската економија се соочува со сериозни предизвици и ограничувања кои го забавуваат растот на економијата.
Во таа насока е потребно радикално менување на економските политики и постоечкиот модел на економски развој. Новиот концепт за економски развој треба да биде насочен кон преработувачката индустрија и извозниот сектор како главни мотори и движечка сила на економскиот раст. За тоа е потребно државата да обезбеди значително поголема поддршка за приватниот сектор во поттикнување на инвестициите во технолошка модернизација и зголемување на производните капацитети. Истовремено, потребен е системски пристап и програма за промоција на домашните извозни компании и производи на странските пазари, истакна Лазаров.
Тој посочи дека идната Влада треба да работи во насока на зголемување на капиталните инвестиции со цел создавање поволни деловни услови и зголемување на конкурентноста на бизнис секторот. Тука особено се важни инвестициите во гасификација, подобрување на железничката инфраструктура и обезбедување на енергетска независност. Исотвремено, потребни се повеќе инвестиции во човечки капитал и иновации како основа зголемување на продуктивноста на трудот и креирање на производи со поголема додадена вредност.
На крај, претседателот на Клубот на извозници проф. д-р  Дарко Лазаров ја потенцираше улогата на Стопанската комора на Северна Македонија во промоција на извозниот сектор и посочи дека книгата “Нов договор за економски развој” што неодамна беше публикувана од страна на Комората дава конкретни предлози во насока на зголемување на поддршката на инвестициите на компаниите од преработувачката индустрија преку дополнување и надградување на Законот за финансискса поддршка на инвестициите и формирање на националната Агенција за промоција на извозот во форма на јавно-приватно партнерство со цел обезбедување на поголема институционална, финансиска, и техничка поддршка за промоција на домашните извозни компании и производи на странските пазари.
 
Линк од целата емисија: https://mk.bloombergadria.com/videos/3-minutes/#brid_cp_my-player