„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ОТВОРЕН ДЕН НА АСУЦ „БОРО ПЕТРУШЕВСКИ“ СКОПЈЕ – МОЖНОСТ ЗА ПРОМОЦИЈА НА СОРАБОТКАТА СО РЕАЛНИОТ СЕКТОР И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СТРУЧЕН КАДАР

17.04.2024

Стручното образование има значајна улога во стекнувањето на вештините и компетенциите кај учениците за нивниот личен развој и за подготовка за дирекно вклучување на пазарот на труд. Но стручното образование ќе биде функционално и ќе ја оствари својата цел само доколку се реализира во соработка и парнерство на образовните институции и реалниот сектор каде учениците ја реализираат практичната обука на реално работно место како најдобар начин на стручна подготовка, од една страна, и каде реалниот сектор ги артикулира своите потреби за квалификации за правилно креирање на уписната политика, од друга страна.
Промоција на ваква соработка имаше можност да се види на ОТВОРЕНИОТ ДЕН во средното стручно училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ Скопје, по повод на нивниот патронен празник, каде на едно место, преку поставени штандови, партнерите на училиштето од реалниот сектор/компаниите, презентира  со што располагаат и која е нивната дејност (најнови модели на  возила, уреди за дијагностика, опрема за обележување на сообраќајници). Меѓу партнерите од реалниот сектор можеа да се забележат штандови на Раде Кончар ТЕП; Даути комерц АД; Макстил АД; Еуроимпекс ДОО, ЈСП, Скопје; Мотул; Новус и др. Свои штандови имаа и реалните компании кои се отворени во рамките на училиштето како автошколата, станицата за технички преглед и брокерското друштво каде учениците, исто така реализираат практична обука. 
Стопанската комора која претставува мост помеѓу образованието и реалниот сектор на поголемиот дел од компаниите кои учествуваа на овој настан им помогна во обезбедувањето на квалитет во процесот на реализација на практичната обука преку сертифицирање на менторите во компаниите и верификација на компаниите за практична настава.
Истовремено компаниите, преку Саемот за вработување кој беше организиран во рамките на ОТВОРЕНИОТ ДЕН, имаа можност да извршат интервју со учениците од завршните години со можност за нивно идно  вработување. Можностите за брзо обезбедување на кадар треба да биде мотивација за вклучување на реалниот сектор во процесите на стручното образование, додека можностите за брзо обезбедување на работен ангажман треба да  бидат најголема мотивација за учениците да го одберат стручното образование.
На ОТВОРЕНИОТ ДЕН во АСУЦ „Боро Петрушевски“ можност да бидат гости имаа и учениците од деветтите одделенија од основните училишта од Скопје, кои преку низа интерактивни активности во Автошколата, со симулаторот за возење; Станицата за технички преглед; АСУЦ Брокер; училишната авто работилница и кабинетите каде што се изведува наставата се запознаа со  квалификациите што се изучуваат во АСУЦ.
Во училиштниот двор  беа изложени моторни возила од понудата на нашите социјални партнери. Тоа беше добра можност и за деветооделенците одблизу да се запознаат со можностите за нивниот понатамошен професионален развој.
Автосообраќајниот училишен центар “Боро Петрушевски”, е модерен, современ, единствен и уникатен центар за образование на кадри од областа на сообраќајната, машинската и автотехничката струка.