„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

Енергетиката бара долгорочна стратегија, стабилен систем и нов пристап кон пазарот-нова епизода на „Chamber Talks“

18.11.2026

| Новости

Енергетиката е еден од темелите на стабилноста и конкурентноста на секоја држава, а промените на глобалните пазари, либерализацијата и забрзаниот развој на обновливите извори на енергија наметнуваат нови предизвици за енергетските системи и компаниите. Овие прашања се во фокусот на новата епизода на „Chamber Talks“, во која претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, разговара со д-р Ристо Јаневски, претседател на Собранието на Комората и претседател на Здружението за енергетика. Разговорот ги опфаќа промените што ги донесоа економските и нафтените кризи, како и либерализацијата на електроенергетските системи, со која производството, големопродажбата и дистрибуцијата се издвојуваат во посебни сегменти, воспоставувајќи нови правила на функционирање на пазарот.

Јаневски посочува дека енергетиката е суштински столб на една држава и дека нејзиното планирање бара усогласување на политичките и владините политики со техничките потреби и развојот на енергетската инфраструктура. За разлика од краткорочните политички и економски мерки, енергетските политики мора да имаат перспектива од 20 до 30 години, со цел системот да биде подготвен да одговори на идните потреби и предизвици.

Посебен дел од разговорот е посветен на конкурентноста и функционирањето на домашниот пазар на електрична енергија. Воспоставувањето на македонската берза на електрична енергија, развојот на пазарот „ден однапред“ и воведувањето на тргување во текот на денот претставуваат значајни промени во начинот на формирање на цените и тргувањето со електрична енергија.

Истовремено, брзиот раст на производството од обновливи извори, особено фотоволтаиците, отвора нови предизвици. Во периоди на високо производство и ниска побарувачка се појавуваат и негативни цени на електричната енергија, што директно влијае врз економската исплатливост на инвестициите и на одлуките на производителите. Разговорот отвора важни прашања за иднината на енергетиката и за тоа како да се обезбеди стабилен и конкурентен пазар, како да се усогласат инвестициите во обновливи извори со потребите на системот и зошто долгорочното стратешко планирање е неопходно за енергетската сигурност и економскиот развој на државата.

Целата емисија „Chamber Talks“ погледнете ја во продолжение.