„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во периодот од 6 до 8 ноември 2026 година, во Брунен, Швајцарија, беше основан Бизнис Клубот West-South Eastern Europe (Business Club WSEE), идеја поттикната од приватниот сектор чија цел е поврзување на сопствениците на компании, директорите и претставниците на семејните бизниси од Јадранскиот регион, Швајцарија и другите европски земји.
Стопанската комора на Северна Македонија, во партнерство со Здружението на српски стопанственици во Швајцарија и Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, е меѓу иницијаторите и организаторите на оваа иницијатива, со цел да се создаде функционална деловна платформа која ќе ги надмине традиционалните форми на вмрежување и ќе овозможи конкретна соработка меѓу компаниите од регионот и деловните кругови во Западна Европа
Основачкото собрание се одржа во рамки на Дијаспора Форум 2026, настан посветен на унапредувањето на економската соработка меѓу дијаспората и матичните земји, поттикнувањето инвестиции и воспоставувањето нови деловни партнерства.
Business Club WSEE – нова платформа за долгорочна деловна соработка
Централен настан во рамките на Diaspora Forum 2026 беше основачкото собрание на Бизнис клубот, кој има амбиција да прерасне во долгорочна деловна заедница која ќе овозможи размена на искуства, воспоставување директни контакти, пронаоѓање деловни партнери, развој на заеднички проекти и поврзување на новите генерации претприемачи.
За разлика од традиционалните форми на деловно вмрежување, концептот на WSEE Business Club се заснова на градење доверба и континуирана соработка меѓу компаниите. Преку планирани активности во Брунен, Белград, Сараево и Скопје, клубот ќе создава можности за поврзување на бизнисите од регионот со швајцарските компании и деловната дијаспора, со цел полесен пристап до нови пазари, размена на деловни практики и развој на партнерства со долгорочна вредност.
На Форумот учествуваа претставници на стопанските комори, дипломатскиот кор, бизнис-заедницата, академската заедница и организации од дијаспората од повеќе земји. Во своето обраќање, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и в.д. претседател на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (WB6 CIF), Бранко Азески, ја истакна важноста на малите и отворени економии од заедничка соработка, градење на заеднички капацитети за настап и освојување на нови пазари, тука клучна е улогата на коморите, како заштитници на интересите на компаниите. Компаниите во изминатите години израснаа и создадоа перспектива за себе позиционирајќи се како кохерентен фактор, затоа ваквите иницијативи кои го ставаат бизнисот над политиката треба да бидат императив во поврзување на деловната заедница од нашиот регион во градењето на поинтензивна трговска размена и присуство на пазарите од Западна Европа. Азески истакна дека Стопанската комора и во следниот период останува посветена во интегрирање на можностите за пристап до финансии преку европските фондови за градење на технолошките капацитети на компаниите, инвестиции во дуалното образование преку Регионалниот фонд за предизвици, но и во областите на енергетика, производство на храна со висока додадена вредност како и постојано унапредување на регионалната соработка.
Н.Е. м-р Реџеп Демири, амбасадор на Република Северна Македонија во Швајцарија, ја поздрави иницијативата која отвара можности за зголемување на економската соработка помеѓу двете земји, а интрарегионалниот пристап на оваа нова форма дава дополнителен поттик за меѓународна соработка, во која и коморите имаат клучна улога.
Улогата на дијаспората во поврзувањето на регионот со Западна Европа е од исклучително значење, на оваа тема обраќање имаше проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, извршен директор на Македонија 2025 и член на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија која истакна дека односот со дијаспората треба да е обостран, да покажеме дека имаме знаења, идеи и желба за соработка и да се вмрежиме за да го искористиме потенцијалот на нашите дијаспори за да го забрзаме растот и развојот преку размена на знаења, пристап до експертиза и капитал.
На панелот Поврзување на Западна и Југоисточна Европа, проф. д-р Дарко Лазаров, проректор за инвестиции, развој и одржување на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и член на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија презентираше за извозните потенцијали на земјите од Западен Балкан и регионалните вредносни синџири, а низ личното искуство на Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на Винарска визба „Тиквеш“, говореше за развојот на бизнисот во услови на политичка нестабилност и градење на домашен бренд кој со својот квалитет е препознат надалеку.
Програмата опфати и дискусии за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на компаниите, влијанието на вештачката интелигенција врз деловното работење, партнерствата со западноевропските компании, зелената градба, одржливото работење и улогата на образовните институции во поддршката на бизнис-секторот, а секако во фокус беа и потребите на швајцарските компании за воспоставување партнерства со производствени компании од Југоисточна Европа.
Учеството на Стопанската комора на Северна Македонија во оваа иницијатива претставува продолжување на нејзините активности за интернационализација на македонските компании и зајакнување на регионалната економска соработка. Преку институционалното поврзување, активното вклучување на бизнис-заедницата и мобилизирањето на потенцијалот на дијаспората, се создаваат предуслови за нови инвестиции, извозни можности и посилно присуство на македонските компании на европските пазари.