„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

Азески и Андоновски со компаниите, за дигиталните алатки за бинзисот

26.10.2026

| Новости

На иницијатива на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во просториите на Комората, од страна на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. пред компаниите членки од органите и телата на Комората беше презентиран проектот - Дигитална трансформација на приватниот сектор во Македонија, со акцент на достапните дигитални услуги, решенија и можности што им стојат на располагање на фирмите.

Претседателот Азески поздравувајќи го присуството на министерот посочи дека процесите на дигитализација се од исклучително значење за поддршка на компаниите имајќи ја во предвид конкурентноста и извозната компонента. Оттука секој нов процес на дигитализирање значи заштеда на време, побрзи постапки, поедноставени процеси. За таа цел на средбата во Комората со министерот Андоновски, е договорено, рече Азески, да се формира оперативно тело од двете институции, бизнисот и министерството кои заеднички ќе ги констатираат слабите точки и ќе работата на нивно подобрување во насока на поголема ефикасност и целисходност на дигиталните процеси.

Министерот Андоновски информираше дека на Националниот портал за електронски услуги се достапни околу 360 услуги, од кои приближно 110 се наменети за правните лица, но дел од истите сеуште има потреба да се модифицираат за да станат активни и корисни за компаниите. Андоновски најави дека во подготовка е и регистар на овластувања, преку кој компаниите ќе можат да овластуваат и други лица да ги користат електронските услуги во нивно име, а не само одговорното лице и на тој начин да се подобри користењето на дигиталните услуги за кои има можност но има и технички пречки во моментов. Можноста ќе се однесува на вработени, нотари, адвокати и други овластени претставници, при што компаниите ќе можат да ги следат и да ги повлекуваат овластувањата. Истото решение се планира и за физичките лица, кои ќе можат да овластат друго лице да презема документи и да завршува постапки во нивно име.

На средбата на министерот со стопанствениците во Комората беше дискутирано и за тоа дека со трансформирање на процесите има можности за дигитализација на лиценците и регистрите, поддршката преку европските дигитални иновациски хабови, како и новите програми за финансирање иновативни проекти и развој на решенија засновани на вештачка интелигенција.

Хабовите како релативно нова форма на организации кои обединуваат различни чинители, со иста цел, се веќе дел и од активностите во Комората. СКСМ е дел од ДИГИТМАК, проект кофинансиран од Европската Унија преку програмата „Digital Europe“ и министерството за дигитална трансформација. Станува збор за дигитален иновациски центар (European Digital Innovation Hub – EDIH) во државата, кој ги поврзува малите и средните претпријатија, стартапите и организациите од јавниот сектор со најновите дигитални технологии, стратешки партнерства и стручна поддршка. Со посебен фокус на вештачката интелигенција, Центарот претставува единствена точка за пристап до услуги што им помагаат на организациите да ја забрзаат својата дигитална трансформација и да ја зголемат конкурентноста. DigitMak“ има за цел да го забрза усвојувањето на вештачката интелигенција и да придонесе за унапредување на дигиталната зрелост преку инклузивен, одржлив и кориснички ориентиран пристап.

Поддршката која ДИГИТМАК ќе ја овозможува се фокусира кон компании од приоритетните области кои произлегуваат од Стратегијата за паметна специјализација на Македонија, а кои се однесуваат на земјоделството и прехранбената индустрија, информатичко-комуникациските технологии, електромеханичката индустрија, Индустрија 4.0, одржливите материјали и паметните згради. Сепак, можностите не се ограничени само на овие сектори.

Инаку, Националниот портал uslugi.gov.mk комуницира со постојните државни регистри преку платформата за интероперабилност, на која се приклучени повеќе од 90 институции. На тој начин се намалува потребата од рачно внесување податоци и доставување документи што веќе се достапни во институциите. Секое поднесено барање добива единствен идентификатор, преку кој корисникот може да го следи статусот на постапката. Доколку е потребно дополнување на документацијата, компанијата добива известување, а конечните решенија и документи се доставуваат во електронското сандаче на порталот.

Министерот Андоновски најави и нов циклус поддршка за иновациски проекти преку Агенцијата за иновации, со вкупна вредност од околу 25 милиони евра во рамките на европскиот проект „Competitiveness and Business Facility“, за периодот од 2026 до 2030 година.

Андоновски посочи дека целта е домашните компании да добијат пристап до технологија и експертиза што ќе им овозможат да развиваат решенија приспособени на потребите на македонскиот пазар.