„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во рамки на посетата на хрватскиот премиер во Македонија, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески на Андреј Пленковиќ, претседател на Владата на Хрватска и на Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Македонија им врачи Награда на Стопанската комора на Северна Македонија за личности кои најмногу допринеле за регионална бизнис-интеграција.
Наградата е признание за нивиот особен придонес кон поддржувањето на регионалната економска соработка и интеграција на бизнисот. При доделувањето на признанијата, во рамки на средбата помеѓу бизнис-заедниците од двете држави, претседателот Азески посочи дека со оваа награда бизнис-заедницата им оддава благодарност на двајцата премиери за нивната континуирана заложба и посветеност во насока на продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена и создавање нови можности за бизнис-заедницата.
Андреј Пленковиќ, како лидер на земја членка на Европската Унија, со своето искуство и активен ангажман дава значајна поддршка на процесите на европска интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, пренесувајќи знаење, практики и стандарди кои придонесуваат за побрзо усогласување со европското законодавство и деловна култура. Посветеноста кон зајакнување на економските врски помеѓу двете држави е потврдена и со последната одлука на Хрватска за одобрување на можноста за издавање долгорочни визи за професионалните возачи, со што се придонесува за надминување на проблемот со престој во шенген-зоната.
Проф. д-р Христијан Мицкоски, како што вели Азески, преку својата посветеност на економските реформи, подобрувањето на инвестициската клима и зајакнувањето на регионалните економски врски, активно работи на позиционирање на Република Северна Македонија како доверлив партнер и атрактивна дестинација за инвестиции. Неговите заложби за унапредување на инфраструктурната поврзаност, дигиталната трансформација и поддршката на приватниот сектор создаваат основа за одржлив економски раст и поголема конкурентност.
Инаку, во своето обраќање на заедничкиот деловен настан кој се одржа во Охрид пред бизисмените од двете држави (Хрватска и Македонија), Азески вели: „Човекот сигурно не работи за да добие признание, но може да се каже дека не е рамнодушен кога другите изразуваат почит кон неговата работа. Признанието доаѓа неочекувано на различни начини, но најчесто го сугерираат пријатели и следбеници кои знаат што значи тоа. Особено значајни се признанијата што доаѓаат од странство, а најмногу од деловни здруженија. На овој начин се дава признание за долгорочни ангажмани за подобрување на соработката меѓу земјите. Сепак, тоа е признание и голема обврска да се удвојат напорите што се вложени досега за државата и општеството да одат напред.“
Зошто најголемата и најбројната бизнис-заедница во нашата земја ги избра овие двајца господа за таков гест на почит? Бидејќи нивната политичка работа со децении е доминирана од бизнисот и економијата, особено регионалната соработка.„ Го познавам г-дин Пленковиќ уште од Мостарскиот саем, а г-дин Мицкоски уште од времето кога работеше во Електростопанството на Македонија и отсекогаш се залагал за развој на бизнисот и економска соработка. Нашата комора годинава слави 104-годишнина и е членка на сите светски коморски здруженија“ додаде Азески.
На бизнис-средбата меѓу двете земји во присуство на премиерите и економски министри од двете земји присуствуваа и првите луѓе на „Алкалоид“ АД Скопје, „Витаминка“ АД Прилеп, „ИГМ Трејд“ Кавадарци, „Макпрогерс“ Виница,„ Кожувчанка“ Кавадарци, „Тиквеш“ АД Кавадарци, МЕПСО АД Скопје, кои ја презентираа заинтересираноста за поголема соработка, но и остварување нови деловни партнерства.
Билатералниот настан од ваков тип е основа за заеднички, преку визија заснована на соработка, интеграција и споделени европски вредности, да се работи на создавање на поинтегриран регион, во кој економиите се поврзани, а бизнисите имаат поголеми можности за развој, раст и интернационализација.