„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Гледам кризи на геополитички план, на регионален план. Се тоа носи непредвидливост за бизнисот и тоа е најголем проблем. Потребна е сериозна анализа за да се детектира како да се делува, вели во интервју за ТВ 21, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Азески зборува за секторите кои се најпогодени од актуелната криза и вели, тоа се сите сектори кои ја користат нафтата како погонско гориво и компаниите каде транспортот учествува со сериозна ставка во трошоците од работењето.
Со Владата сме во тековна координација за проблемите и потребите на бизнисот. Три недели пред почетокот на кризата веќе почнавме да анализираме и да креираме активности за заштита на домашните компании од ударот на нафтената криза, вели претседателот на Стопанската комора.
Конкретните мерки не е добро пред време да се откриваат, бидејќи истите можат да бидат предмет на манипулација и да не ги дадат потребните ефекти, конкретно за оние за кои ќе бидат наменети. Глобалната нафтена криза, предизвикана од воените дејствија во Иран, Азески ја дефинира во три фази. Сеуште сме во првата фаза, каде ударите од кризата ги регулираме со мерки од страна на Владата. Доколку истата се продлабочи, ќе бидат потребни меѓународни задолжувања и последиците за компаниите ќе бидат поголеми, а ако влеземе во третата фаза која не зависи од нас, ако се појават повеќе жаришта во светот, вели претседателот на Комората, Македонија како мала земја со отворена економија ќе биде колатерална штета.
Домашните компании не се имуни на кризата, но ако се има во предвид дека од 2008 година наваму во континуитет кризата само го менува обликот, тогаш може да се каже дека стопанствениците веќе две децении научија како да делуваат и се подготвени да ги пресретнат неизвесните ситуации на глобален план. Има пролонгирање на инвестиции, но не и стопирање. Треба да знаеме дека е изградена структура на приватниот бизнис и враќање нема. Бизнисмените не можат на рамо да ги изнесат фабриките надвор од границите. Останува да се бориме за темелните вредности, а тоа е владеење на правото, правосудството, да се креира ефикасна јавна администрација со драстично помал број вработени од постојните, а да се намали и бројот на неефикасни државни институции.
Во интервјуто Азески вели, „гледам политичка воља кај Владата за предлозите на бизнисот, но и сознанија дека решавањето на сивата економија, корупцијата, реформите во администрацијата, е тежок процес и ќе треба период за постигнување на ефектите“. Затоа мора да создадеме национална платформа за бора против корупцијата, со мерки кои не се непознати, универзални се во цел свет. Потребно е само соодветна агенда за да може истата да делува.
Целото интервју на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески за ТВ 21 на следниот линк