„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
По успешно завршениот јапонско – македонски бизнис форум на 12 март во Скопје, се реализираа последователни активности и иницијативи насочени кон зајакнување на економските врски меѓу Северна Македонија и Јапонија, со фокус на продлабочување на соработката и отворање нови можности за деловни партнерства.
На 23 април, во Амбасадата на Јапонија, се одржа средба со компанијата Native Teams претставувана од Симона Алексовска, бизнис директор и Антонета Манова Ставреска, проектен менаџер во Комората, како дел од континуираните напори на амбасадата за поддршка на македонските бизниси и унапредување на соработката со членките на Стопанската комора на Северна Македонија. На состанокот, Н.Е. амбасадорката Сецуко Кавахара беше запознаена со работењето на компанијата, нејзината глобална експанзија, како и со проширувањето на активностите во Токио од 2024 година наваму.
Амбасадорката Кавахара истакна дека ваквите средби претставуваат важна платформа за поврзување на компаниите од двете земји и откривање нови можности за соработка, нагласувајќи дека интересот на јапонските компании за регионот и потенцијалот на македонската економија е во пораст.
Native Teams, членка на Комората, е глобална платформа што им овозможува на компаниите лесно да вработуваат, управуваат и исплаќаат плати на вработени ширум светот без отворање локални правни субјекти. Со обединување на платниот список, усогласеноста и услугите за вработување во едно решение, го поедноставува меѓународното работење на компаниите и поддржува тимови кои работат од далечина.
Основана во Северна Македонија, со силно присуство во Скопје и претставништва во 85 земји, компанијата е значајна технолошка успешна приказна од регионот. Нуди „all-in-one“ решение за глобално вработување (EOR), исплата на плати, усогласеност и управување со договори и бенефиции, овозможувајќи им на бизнисите едноставно и законски да ангажираат таленти на глобално ниво.
Платформата ја користат стартапи, мали и средни компании, фриленсери и дигитални номади, а нејзината суштина е отстранување на главните бариери за меѓународно вработување – правната комплексност, платниот список и ризиците од неусогласеност.